„Овие презентирани докази упатуваат на контакти и комуникации, кои по наша оценка се недозволиви од судија на апелација со лица, за кои се воделе и се водат и активни предмети и постапки“, рече обвинителката Хаџи-Василева
Во именикот на судијата се најдени и броевите на адвокатот Фехми Стафа, кој се поврзува со поткуп за осомничениот Љупчо Пецов-Ѓаволот, Исмет Гури, ексдиректор на Управата за јавни приходи, кому му се судеше за „Титаник 3“, поранешната пратеничка Фросина Ременски, како и на братот на експремиерот Зоран Заев, Вице Заев
Звучни имиња од политичката и бизнис-елита се меѓу контактите што обвинетиот апелациски судија Ѓоко Ристов ги имал во својот мобилен телефон. Ова беше обелоденето на денешното продолжение на судскиот процес против Ристов, кој е обвинет за прикривање имот и перење пари откако во ѕид од кујната во семејниот дом на неговите родители беа пронајдени 350 000 евра завиткани во алуминиумски фолии.

Обвинителката Искра Хаџи-Василева ги прочита имињата на Бојан Јовановски, кој во јавноста е познат како Боки 13, на Ана Камчева, сопруга на бизнисменот Орце Камчев, кој се спогоди во случајот „Империја“, на Исмаил Јахоски, поранешен пратеник на Демократската унија за интеграција (ДУИ), кој му бил запишан во именикот како Бабе Исмаил, неговиот син, сопственик на „Пуцко петрол“, Асмир Јхоски, кој е меѓу осомничените во случајот со набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“, како и на бизнисменот Зоран Азманов.
Во именикот на судијата се најдени и броевите на адвокатот Фехми Стафа, кој се поврзува со поткуп за осомничениот Љупчо Пецов-Ѓаволот, Исмет Гури, ексдиректор на Управата за јавни приходи, кому му се судеше за „Титаник 3“, поранешната пратеничка Фросина Ременски, како и на братот на експремиерот Зоран Заев, Вице Заев.
„Обвинителството сака да прикаже контакти што ги имал обвинетиот како судија, кои можат да бидат разгледувани во етички и законски домен. Ние уште на почетокот кажавме дека ова судење се однесува на она што е предмет на обвинение, но секако е поврзано и со коруптивни практики и дејствија како предикативни елементи на перењето пари, едно од делата за кои го гони обвинетиот. Во таа смисла, презентираните докази упатуваат на контакти и комуникации, кои по наша оценка се недозволиви од судија на апелација со лица, за кои се воделе и се водат и активни предмети и постапки“,
рече обвинителката Хаџи-Василева.
Сепак, таа прочита неколку пораки меѓу Ристов и поранешниот апелациски судија Енвер Беџети, кој во 2024 година беше ставен на црната листа на Соединетите Американски Држави (САД) поради наводи за корупција.
Според одбраната на Ристов, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, доколку во контактите на Ристов имало нешто сомнително, требало за тоа да се обезбедат докази и да се покрене соодветна постапка.
„Ги има и, нормално, Македонија е мала држава. Но, ако веќе се тврди дека не требало да ги има во телефон, оти е сомнително што ги има, треба да се обезбедат докази, што тој направил со тие лица“,
вели Давидовиќ.
Финансиско вештачење: Ристов и сопругата имале 617 илјади евра приходи, а родителите 975 илјади евра
Сепак, финансиското вештачење на парите што се слевале во семејството Ристови беше еден од клучните делови на денешното рочиште.
Вештачењето го нарача Обвинителството, а го изготви овластен судски вештак, економист од приватна ревизорска куќа. Биле анализирани годишните пријави и банкарски сметки на семејството Ристови, како на судијата Ѓоко Ристов, на неговата сопруга Симона Зориќ-Ристов, неговите родителите Донка и Здравко Ристови, како и на таткото на неговата сопруга. Вештакот ги анализирал банкарските сметки во период од 2016 до 2025 година, додека годишните даночни пријави се анализирани за периодот од 2016 до 2024 година.
Вештачењето покажа дека платата на Ристов од околу 60 илјади денари во 2016 година пораснала на околу 120 илјади денари во 2024 година, додека приходите на неговата сопруга во истиот период исто така значително се зголемиле.
Вештакот потврдил дека Ристов двапати уплатил готовина на свои сметки – 1,2 и 1,3 милиони денари, но не биле обезбедени докази за потеклото на парите. Од вештачењето е посочено и дека двапати во готово во вкупна вредност од околу 40 илјади евра, Ристов уплатил во банка за купопродажба на стан.
Одбраната најави дека нејзиниот вештак ќе го објасни потеклото на кешот посочувајќи дека Ристов и сопругата во периодот заработиле вкупно 617 илјади евра, а неговите родители 975 илјади евра.
За парите пронајдени заѕидани во домот на родителите на Ристов, одбраната најави дека дополнително ќе објасни од каде потекнуваат.
„Нашиот вештак ќе ги даде сите податоци од каде потекнува кешот. Сега констатиравме дека има прилив од 617 илјади евра и 975 илјади евра, што е преку милион и пол евра. Сега ќе видиме колку кешот е легален“,
рече Давидовиќ.
Инаку, обвинетиот судија Ѓоко Ристов на рочиштето на 28 мај рече дека ги разбира делата што му се ставаат на товар – прикривање имот и перење пари – но се изјасни за невин.
