Нацрт-планот е изложен во просториите на ООУ „Кочо Рацин“, каде што секој работен ден од 8 до 16 часот заинтересираните можат да ги разгледаат планските решенија и да пополнат анкетни листови
За планот за „Барутана“ денеска, одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на првата линија на „Градскиот воз“, зборуваше и скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Посочи дека планот добил поддршка од Град Скопје, пред да бидат завршени локалните избори, лани, односно за време на претходната градска администрација
Општина Центар ги известува граѓаните дека утре, 3 септември, со почеток во 12 часот, во просториите на општината, барака 6, ќе се одржи јавна презентација на нацрт-деталниот урбанистички план (ДУП) Ј05 за местото познато како „Барутана“ на падините на Водно.

На презентацијата граѓаните ќе можат да се запознаат со предложените плански решенија и да добијат дополнителни информации за нацрт-планот.
Јавната анкета за ДУП е во тек и ќе трае до 14 септември. Во неа можат да учествуваат жителите и правните лица од опфатот на планот, како и од соседните подрачја, со доставување забелешки, предлози и мислења.
Нацрт-планот е изложен во просториите на ООУ „Кочо Рацин“, каде што секој работен ден од 8 до 16 часот заинтересираните можат да ги разгледаат планските решенија и да пополнат анкетни листови.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика граѓаните активно да се вклучат во процесот.
„Ги повикувам сите заинтересирани граѓани утре да дојдат на јавната презентација, да се информираат и да ги кажат своите забелешки и предлози. Сакаме плановите што ги носиме да бидат резултат на отворен и транспарентен процес во кој граѓаните имаат можност да учествуваат и да го кажат своето мислење“,
напиша тој на Фејсбук.
Од Општина Центар ги охрабруваат граѓаните да ја искористат можноста за учество во јавната анкета и да придонесат во креирањето на идниот развој на овој дел од општината.
За планот за „Барутана“ денеска, одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на првата линија на „Градскиот воз“, зборуваше и скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Посочи дека планот добил поддршка од Град Скопје пред да бидат завршени локалните избори, лани, односно за време на претходната градската администрација.
„Свикав Комисија за урбанизам и разговарав со членовите. Доколку постои правен лек да реагираме, ќе го сториме истото. Во наредниот период ќе се произнесеме на оваа тема. Но, морам да потенцирам дека целата постапка ја води Општина Центар и немам детали околу тој ДУП. Град Скопје дава само мислење дали конкретен ДУП е во согласност со параметрите на Генералниот урбанистички план (ГУП). Тие планови ниту ги носи ниту ги прави Градот Скопје“,
рече Ѓорѓиевски.
„Шанса за Центар“ објави петиција на која граѓаните можат да ја дадат својата поддршка за повлекување на нацрт-ДУП за подрачјето „Барутана“ на Водно.
