Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за Канал 5 соопштија дека немаат информација од бугарските власти дали Михаилов е лоциран и лишен од слобода. Од Министерството за правда, пак, велат дека постапката за екстрадиција ќе ја започнат откако ќе добијат известување дека Михаилов е уапсен
Во бугарските медиуми, тој се претстави како татко на Михаилова, против која е во тек судска постапка за сообраќајна несреќа што се случи минатата година, а во која едно лице загина и јавно зборува за нејзиниот третман во земјава
Премиерот Христијан Мицкоски денеска побара од Република Бугарија да го предаде Симеон Михаилов, по кого Министерството за внатрешни работи (МВР) има распишано меѓународна потерница и е правосилно осуден на 12 години и шест месеци затвор во случајот „Детонатор“.

Инаку, Михаилов изминатите денови се појави во бугарските медиуми бранејќи ја својата ќерка Ива Михаилова, на која ѝ се суди во Кочани за сообраќајна несреќа со смртни последици. Ова привлече внимание во јавноста бидејќи тој со години е недостапен за македонските институции.
„Ние имаме потерница за тоа лице и очекувам нашите партнери да постапат согласно на партнерството. Ние сме партнери со источниот сосед во рамките на НАТО. Очекувам луѓето што се бараат со потерница, што направиле некаков прекршок или кривично дело, во духот на партнерството да ги испорачаат и да се соочат со законот и правдата“,
рече Мицкоски.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за Канал 5 соопштија дека немаат информација од бугарските власти дали Михаилов е лоциран и лишен од слобода.
„Доколку МВР биде информирано од страна на бугарското МВР дека лицето е лоцирано и лишено од слобода врз основа на наша распишана меѓународна потерница, тогаш Министерството за правда треба да се обрати до тамошното Министерство за правда со доставување на потребната документација за екстрадиција. Постапката за лицето не е започната, зашто не сме информирани од бугарските институции дека лицето е лоцирано и лишено од слобода“,
се вели во одговорот од полицијата.
Од Министерството за правда, пак, велат дека постапката за екстрадиција ќе ја започнат откако ќе добијат известување дека Михаилов е уапсен.
Тој во бугарските медиуми се претстави како татко на Михаилова, против која е во тек судска постапка за сообраќајна несреќа што се случи минатата година, а во која едно лице загина и јавно зборува за нејзиниот третман во земјава.
На последното рочиште во Основниот суд во Кочани присуствуваа и неколку бугарски пратеници, како и голем број тамошни медиуми бидејќи Михаилова има македонско и бугарско државјанство и се жали на дискриминација, тврдејќи дека не ѝ е дозволено да се лекува во Бугарија.
Симеон Михаилов е еден од 15-те лица осудени во случајот „Детонатор“, во кој беа опфатени лица од Кочани и Виница за кривични дела, меѓу кои се обид за убиство, насилство, лихварство, изнуда и недозволено поседување оружје.
Првично му е изречена доживотна казна затвор, која е намалена во понатамошниот тек на судската постапка, кога правосилно му е определена затворска казна од 12 години и шест месеци.
Во текот на постапката тој ја напуштил земјава, а во 2014 година е екстрадиран од Италија, каде што претходно е уапсен по меѓународна потерница.
Подоцна повторно станува недостапен за македонските органи.
