На вчерашното рочиште во Основниот суд во Кочани присуствуваа и неколку бугарски пратеници, како и голем број тамошни медиуми бидејќи Михаилова има македонско и бугарско државјанство и се жали на дискриминација, тврдејќи дека не ѝ е дозволено да се лекува во Бугарија
Сепак, појавувањето на нејзиниот татко во бугарски медиуми привлече внимание во јавноста бидејќи тој со години е недостапен за македонските институции
Симеон Михаилов од Кочани, по кого Министерството за внатрешни работи (МВР) има распишано меѓународна потерница и е правосилно осуден на 12 години и шест месеци затвор, вчера и денеска се појави во бугарските медиуми бранејќи ја својата ќерка Ива Михаилова, на која ѝ се суди во Кочани за сообраќајна несреќа со смртни последици.

Во бугарските медиуми тој се претстави како татко на Михаилова, против која е во тек судска постапка за сообраќајна несреќа што се случи минатата година, а во која едно лице загина и јавно зборува за нејзиниот третман во земјава.
На првото рочиште, таа се изјасни дека не е виновна. Нејзиното барање да ѝ биде вратен пасошот, со кој би можела да ја напушти земјата, засега не е прифатено од судот поради потреба да се обезбеди нејзино присуство во текот на постапката и процената за опасност од бегство.
На вчерашното рочиште во Основниот суд во Кочани присуствуваа и неколку бугарски пратеници, како и голем број тамошни медиуми бидејќи Михаилова има македонско и бугарско државјанство и се жали на дискриминација, тврдејќи дека не ѝ е дозволено да се лекува во Бугарија.
Сепак, појавувањето на нејзиниот татко во бугарски медиуми привлече внимание во јавноста бидејќи тој со години е недостапен за македонските институции.
Како што информира телевизија Телма, од МВР потврдија дека Симеон Михаилов, кој во бугарските медиуми се претставува како татко на Ива Михаилова, е истото лице по кое е распишана меѓународна потерница.
„Ве информираме дека меѓународната потерница за лицето за кое се однесува прашањето е сè уште активна“,
се вели во одговорот на МВР за Телма.
Инаку, Симеон Михаилов е еден од 15. лица осудени во случајот „Детонатор“, во кој беа опфатени лица од Кочани и Виница за кривични дела, меѓу кои се обид за убиство, насилство, лихварство, изнуда и недозволено поседување оружје.
Првично му е изречена доживотна казна затвор, која е намалена во понатамошниот тек на судската постапка, кога правосилно му е определена затворска казна од 12 години и шест месеци.
Во текот на постапката тој ја напуштил земјава, а во 2014 година е екстрадиран од Италија, каде што претходно е уапсен по меѓународна потерница.
Подоцна повторно станува недостапен за македонските органи.
