Тој истакна дека целта за проширување на ЕУ на Западен Балкан и источното соседство денес е уште позначајна од порано, но дека, покрај исполнувањето на условите од страна на кандидатите, важно е и Европската Унија да го одржи својот збор

Словенечкиот премиер Јанез Јанша вели дека проширувањето на Европската Унија на Западен Балкан е од стратегиско значење за иднината на Европа и порача дека ЕУ мора да ги исполни ветувањата дадени на земјите кандидати.
„Ширењето не е услуга за државите кандидати. Тоа е стратегиска одлука за иднината и идниот облик на нашиот континент“,
рече Јанша на отворањето на 21. Бледски стратешки форум, пренесува Радио-телевизија Словенија.
Тој истакна дека целта за проширување на ЕУ на Западен Балкан и источното соседство денес е уште позначајна од порано, но дека, покрај исполнувањето на условите од страна на кандидатите, важно е и Европската Унија да го одржи својот збор.
„Ако Европската Унија не се шири, некој друг ќе го стори тоа, на наша штета“,
рече словенечкиот премиер.
Според Јанша, идната улога на Европа во светот ќе зависи од тоа како ќе одговори на четирите стратегиски предизвици – безбедноста, отпорноста, демографијата и кредибилитетот.
Говорејќи за безбедноста, Јанша вели дека мирот не е нешто што се подразбира и дека е потребно да се заштити.
„Украина е опомена за нас дека сè е на коцка. Украинците ја бранат не само својата територија, туку и принципот дека границите не можат да се менуваат со сила и дека народите имаат право да ја избираат својата иднина“,
рече Јанша.
Тој додаде дека праведниот мир мора да ги зачува суверенитетот на Украина и нејзината европска иднина, предупредувајќи дека наградувањето на агресијата би претставувало опасен преседан и за други кризни подрачја во светот. Јанша истакна дека посилна Европа не е алтернатива за трансатлантското партнерство, туку услов за негова долгорочна одржливост.
Како втор голем предизвик тој го наведе намалувањето на стратегиските зависности, особено во областите на енергетиката, критичните минерали, полупроводниците и стратегиските синџири на снабдување. Според него, европската енергетска зависност од Русија пред почетокот на војната во Украина покажа како економската ефикасност без отпорност може да создаде зависност која, како што наведе, „некој може да ја претвори во предност“.
Јанша оцени дека Европа мора да гради доверливи партнерства, да ги диверзифицира синџирите на снабдување и да ги зајакнува сопствените капацитети во областите од стратегиско значење.
Говорејќи за демографијата, словенечкиот премиер предупреди на ниската стапка на наталитет и стареењето на населението во Европската Унија.
„Демографијата не е само прашање на бројки. Таа покажува дали младите имаат доверба во иднината, дали можат да си дозволат дом, да изградат кариера, да создадат односи и да основаат семејство“,
рече Јанша.
Тој оцени дека илегалните миграции не можат да бидат замена за демографската политика и се заложи за безбедни граници и законити, селективни миграции приспособени на економските потреби.
Како четврти предизвик го издвои кредибилитетот, оценувајќи дека тој е посебно важен извор на меѓународно влијание за малите држави.
„Своето влијание го зголемуваме со изградба на сојузништва, како доверливи партнери и со исполнување на дадените ветувања. Истото важи и за Европа“,
кажа Јанша.
Тој додаде дека обврските на Европа мора да бидат кредибилни, како за нејзините сојузници така и за противниците и државите кои сакаат да ѝ се приклучат.
Јанша оцени дека европската иднина ќе зависи од способноста навремено да се одговори на безбедносните, економските и демографските предизвици.
„Способноста за обликување на промените се гради постепено, година по година, преку способности, сојузи и институции. Но, моментот кога таквата моќ треба да се искористи доаѓа ненадејно“,
додаде тој.
