Советникот на ДОМ во Општина Центар на претстојните седници ќе гласа против понатамошната бетонизација на планината и ќе бара целосно зачувување на шумските површини и планинарските патеки

Политичката партија ДОМ изрази поддршка за петицијата за повлекување и преиспитување на нацрт-деталниот урбанистички план (ДУП) за локалитетот Барутана, со кој се предвидува изградба во пошумените делови на планината Водно. Од партијата упатија апел до сите граѓани да ја потпишат петицијата и активно да се вклучат во јавната анкета за овој урбанистички план.
Советникот на ДОМ во Општина Центар на претстојните седници ќе гласа против понатамошната бетонизација на планината и ќе бара целосно зачувување на шумските површини и планинарските патеки.
„Недозволиво е Водно да се третира како градежна парцела. Неговата шума е природен заштитник на Скопје и има клучна улога во спречувањето на ерозија, лизгање на земјиштето и поројни води“,
истакнуваат од ДОМ.
Од партијата дополнително предупредуваат за еколошките и безбедносните ризици што ги носи планираната изградба на стрмен и пошумен терен, повторувајќи го ставот дека Водно е зелениот штит на Скопје кој мора по секоја цена да се заштити.
„Заштитата на шумата и природниот амбиент мора да имаат предност пред какви било градежни интереси“,
додаваат оттаму.
Од денеска претпладне е објавена петиција од страна на „Шанса за Центар“, на која граѓаните ќе можат да ја дадат својата поддршка за повлекување на нацрт-ДУП за подрачјето „Барутана“ на Водно.
Прашањето за нацрт-ДУП за „барутана“ денеска беше актуелно и на седницата на Советот на Град Скопје.
Советничката од редовите на иницијативата „Шанса за центар“, Јана Белчева, го повика градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, да иницира преиспитување и повлекување на позитивното мислење од надлежната комисија на Градот за нацрт-деталниот урбанистички план (ДУП) Ј05 за местото познато како Барутана на падините на Водно.
Со овој план, како што рече Белчева, се предвидува нова бетонизација на Водно, каде што треба да никнат десетици нови објекти, а тоа ќе има големи последици врз квалитетот на живот, но и безбедноста на жителите на Општина Центар.
Од „Шанса за Центар“ велат дека се работи за нова бетонизација на Водно и сеча на шумата садена од претходните генерации за да го штити градот од поројни поплави, ерозија, лизгање на земјиштето, загадувањето на воздухот. Но, овие безбедносни предизвици од еколошки аспект не се единствените поради кои овој ДУП, кој сè уште не е донесен, е проблематичен. Како што наведе Белчева, под прашање е и неговата легалноист бидејќи не е усогласен со актуелниот Генерален урбанистички план (ГУП).
Планот, рече таа, е опасен и затоа што нема позитивно мислење од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Инаку, од 13 август до 14 септември трае јавната анкета за нацрт детално-урбанистичкиот план за Градска четврт Ј 05 – Барутана.
Претходно, на 14 јули годинава, Советот на Општина Центар со 13 гласа „за“ и девет „против“ даде зелено светло за планот за Барутана.
Од „Шанса за Центар“ оттогаш реагираат дека нацрт-ДУП е за подрачје, кое е означено дека е под влијание на ерозија, а се планира изградба на уште 25 големи објекти, од кои 24 се приватни куќи – хациенди.
По обвинувањата за нова бетонизација на Водно, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, рече дека новиот план предвидува 14 000 квадратни метри помалку изградена површина, односно намалување од околу 33 проценти во однос на претходните детални урбанистички планови.
