„Уставните измени остануваат договорен чекор кон отворањето на првиот кластер. Но, тие не смеат да доведат до бесконечна низа нови барања. На Северна Македонија ѝ е потребна јасност и мора да знае дека кога ќе ги исполни своите обврски и ЕУ ќе ги исполни своите”, вели Клаудија Бауер, која доаѓа од стожерниот партнер во Владата – Австриската народна партија

Билатералните прашања мора да се решаваат преку билатерален дијалог и не смее да се дозволи тие да го држат целиот пристапен процес во заложништво, изјави австриската министерка за Европа Клаудија Бауер во интервју за весникот „Слободен печат“.
Одговарајќи на прашањето како може да се реши билатералниот спор со Бугарија поради кој е блокирана евроинтеграцијата на Северна Македонија, таа рече дека Австрија е подготвена да поддржи конструктивен дијалог и праведен компромис.
„Исто така, поддржуваме гласање со квалификувано мнозинство за техничките чекори, така што една земја членка да не може да ја блокира секоја мала одлука. Уставните измени остануваат договорен чекор кон отворањето на првиот кластер. Но, тие не смеат да доведат до бесконечна низа нови барања. На Северна Македонија ѝ е потребна јасност и мора да знае дека кога ќе ги исполни своите обврски и ЕУ ќе ги исполни своите“,
изјави Бауер.
Таа вели дека разбира зошто луѓето од Северна Македонија бараат уверувања, односно гаранции дека откако ќе се усвојат уставните измени, процесот ќе продолжи без нови билатерални услови. Како што додава, правилата треба да бидат јасни, стабилни и предвидливи и не може да се менуваат условите додека една земја се обидува да ги исполни.
„ЕУ мора да стои зад договорената преговарачка рамка. Кога Северна Македонија ќе го направи договорениот чекор, Европа мора да биде подготвена да продолжи напред. Обврските мора да важат во двете насоки. Јасните политички сигнали од ЕУ и Бугарија се од суштинско значење за повторно градење на довербата“,
вели Бауер.
Според неа, предлогот да се усвојат уставните измени со одложено дејство како можен компромис заслужува сериозно разгледување бидејќи, како што додаде, во тешки ситуации е потребна флексибилност, прагматизам и креативни решенија.
„Затоа овој предлог заслужува сериозно разгледување. Секое решение мора да биде правно издржано, да ја почитува преговарачката рамка и да биде прифатливо за сите страни. Но, јас сум отворена за секој сериозен компромис што може да го надмине ќор-сокакот и да ја приближи Северна Македонија до Европската Унија“,
додава Бауер.
Според неа, Европа мора да преземе одговорност за одржување на довербата на граѓаните на Македонија во европскиот проект. Довербата, вели Бауер, е најважната валута на ЕУ, а таа е загрозена кога се чини дека условите се менуваат повторно и повторно.
„Пристапувањето е двонасочна улица. Земјите кандидати мора да спроведуваат реформи, но кога тие испорачуваат и Европа мора да испорача. Не можеме постојано да ја поместуваме целта. Постепената интеграција може да донесе видливи резултати во области како што се СЕПА, роамингот или единствениот пазар. Европа мора да стане реалност што се живее, особено за младите луѓе“,
смета Бауер.
Во интервјуто за „Слободен Печат“, министерката Бауер вели дека може да замисли Северна Македонија да се приклучи кон ЕУ во текот на оваа деценија, но за тоа ќе треба храброст и политичка волја, и во Северна Македонија и во Унијата.
