„Каква е логиката да се гради автопат кон Блаце, ако патот што треба да го поврзе со Скопје останува со тесни делови, колони и секојдневен сообраќаен хаос? Не може да се гради автопатот кон Блаце, а истовремено да се земаат парите од патот што треба да го поврзе со Скопје“, велат од опозициската партија
Опозициската Демократска унија за интеграција бара Владата да ги врати шесте милиони евра наменети за реализација на проектот за булеварот „Хасан Приштина“, познат како Качанички пат во скопско Возбегово.
Од партијата вчера посочија и дека Влен ги пренасочува средствата за изградба на овој булевар.

„Ова не е нов проект, ниту изборно ветување. Во 2023 година, Министерството за транспорт и Градот Скопје формираа заедничка комисија за изработка на урбанистичкиот план. Планот беше подготвен, усогласен и усвоен“,
рече на денешната прес-конференција Беким Реџепи од ДУИ.
Според него, со проектот било предвидено изградба и проширување на Булеварот „Хасан Приштина“, како важна сообраќајна артерија што треба да го поврзе Скопје со Блаце и Косово.
„За време на владеењето на ДУИ и СДСМ, за овој проект беа обезбедени шест милиони евра наменски средства. Значи, проектот беше планиран, планот беше усвоен и парите беа обезбедени. Но денес, Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН ги пренамени овие шест милиони евра за друг проект, како подземната улица на Јужниот булевар“,
додаде тој.
Сетоа тоа, посочи дека се случува во исто време кога Владата организира церемонии за продолжувањето на автопатот Скопје – Блаце.
„Каква е логиката да се гради автопат кон Блаце, ако патот што треба да го поврзе со Скопје останува со тесни делови, колони и секојдневен сообраќаен хаос? Не може да се гради автопатот кон Блаце, а истовремено да се земаат парите од патот што треба да го поврзе со Скопје“,
рече Реџепи.
Ја повика Владата да објасни зошто се пренаменети средствата, а од ВЛЕН побара да се изјасни за случајот.
„Зошто се жртвува булеварот ‘Хасан Приштина‘? Граѓаните немаат потреба од церемонии и фотографии. Имаат потреба од патишта и решенија. Затоа нашето барање е јасно: Вратете ги шесте милиони евра. Вратете ги средствата за овој булевар. Проширете го Качаничкиот пат и направете ја врската Скопје Блаце функционална“,
кажа тој.
Побара одговори зошто биле земени тие шест милиони евра, како и кога ќе започнат работите за изградба на булеварот „Хасан Приштина.
Според него, само една неодговорна Влада може да дозволи проект за кој има обезбедени средства и подготвена документација да не се реализира, поради сопствени политички каприци.
Од ДУИ вчера соопштија и дека со одлуката за пренaсочување на средствата за изградба на булеварот „Хасан Приштина“ се покажува дека Влен нема ниту визија, ниту капацитет да го разбере стратешкото значење на овој проект.
Истото, како што велат, се потврдува и со почетокот на изградбата на автопатот Скопје – Блаце, кој бил подготвен од нивна страна, а како што додаваат, Влен го одложил за две и пол години и го поскапел за над 30 милиони евра.
Од Влен, пак, рекоа дека разликата меѓу двете политики се гледа на терен, односно дека додека од ДУИ 20 години зборувале за обезбедени средства, најавувале проекти, цртале патишта и сечеле ленти на презентации, сега тие ги реализираат.
Според Влен, додека од ДУИ велат дека ги обезбедиле парите, тогаш граѓаните со право прашуваат зошто за 20 години не го изградиле булеваерот.
„Каде ги чувавте? Каде стоеја тие пари? Некаде беа скриени? Зошто западниот дел од Македонија две децении остануваше со тесни грла, опасни патишта, недовршени траси и инфраструктура што не одговара на потребите на граѓани? Додека ДУИ беше незаменлив дел од секоја власт, големите инфраструктурни приказни завршуваа со фотографии и тендерски најави. Западна Македонија чекаше, а приоритетите одеа на други страни. Се градеше за Штип и Гевгелија“,
се вели во партиското соопштение.
