Со новиот модел, според партијата, советниците се принудени сите прашања да ги постават на почетокот на седницата, а одговорите да ги добијат подоцна, без можност за непосредна расправа и дополнителни прашања до градоначалникот, директорите на јавните претпријатија и установи и градската администрација
„СДСМ како апологети на недемократското дејствување на ДПМНЕ останаа на седницата, со што директно го поддржаа ова кршење на Деловникот“, се вели во партиското соопштение
Советничката група на Левица денеска ја напушти седницата на Советот на Град Скопје во знак на протест против, како што велат, новиот начин на одржување на седниците за советнички прашања.

Од Левица обвинуваат дека со новиот модел советниците се принудени сите прашања да ги постават на почетокот на седницата, а одговорите да ги добијат подоцна, без можност за непосредна расправа и дополнителни прашања до градоначалникот, директорите на јавните претпријатија и установи и градската администрација.
„Советничката група на Левица денеска беше единствената опозициска партија која ја напушти седницата на Советот на Град Скопје, како протест против новиот начин на одржување на седниците за советнички прашања“,
велат од партијата.
Според партијата, ваквиот начин на работа го ограничува демократскиот надзор врз градската власт и ја намалува улогата на советниците во барањето одговорност за управувањето со средствата и ресурсите на скопјани.
„Левица уште при воведувањето на ваквиот принцип на претходната седница за советнички прашања јасно се спротивстави на обидот да се лимитира секаква демократска дебата во градското собрание. Советничките прашања се еден од основните механизми преку кои избраните претставници на народот ја контролираат градската власт и бараат одговорност за начинот на кој се управува со парите и ресурсите на скопјани, а градоначалникот ги претвори во еден обичен пиар-циркус“,
додаваат оттаму.
Според Левица, со ваквиот начин на водење на седницата се прекршува Деловникот за работа на Советот на Град Скопје.
Обвинуваат дека начинот на одвивање на седницата се наметнува од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, без да се земе предвид волјата на Советот како колективно претставничко тело.
„Советот на Град Скопје не е продолжена рака на градоначалникот, ниту советниците се статисти во однапред режирана претстава во која власта си ги одбира правилата според сопствените политички потреби“,
се вели во партиското соопштение.
Потоа, од партијата упатија и критика до СДСМ, чии советници, како што велат, останале на седницата и со тоа го поддржале начинот на работа на Советот.
„СДСМ како апологети на недемократското дејствување на ДПМНЕ останаа на седницата, со што директно го поддржаа ова кршење на Деловникот“,
посочија од партијата.
Од Левица сметаат дека новиот модел овозможува прашањата да се натрупаат, а одговорите да се сведат на однапред подготвени одговори, со што, како што велат, се губи можноста за дополнително прашање и непосредно соочување на градската власт со проблемите на граѓаните.
„Левица нема да учествува во симулација на демократија во која Советот треба само формално да поставува прашања, додека ВМРО-вската градска власт си избира кога, како и дали воопшто ќе одговори. Деловникот да се прекршува, а гласот на избраните претставници на граѓаните да се игнорира само за да се овозможи Орце Ѓорѓиевски и ДПМНЕ да ја контролираат и режираат секоја дебата во Советот“,
се наведеува во соопштението.
Оттаму додаваат дека напуштањето на седницата е протест против, како што наведуваат, кршењето на Деловникот, деградацијата на улогата на советниците и ограничувањето на правото на демократска контрола.
