„Влен не раскажува за проекти, туку тие се градат и се гледаат. Додека ДУИ се слика, Влен гради на терен. Се гради автопат кон Гостивар. Се пробива автопатско поврзување кон Кичево. Започна да се гради автопатската врска кон Косово. Се гради Коридорот 8“, се вели во партиското соопштение
Од владејачката Влен денеска реагираат на обвинувањата од опозициската Демократстаката унија за интеграција (ДУИ) дека ги пренасочиле средствата за изградба на булеварот „Хасан Приштина“, познат како Качанички пат, без кој автопатот Скопје – Блаце претставува непотполна врска што треба директно да го поврзе со Скопје.

Оттаму оценуваат дека разликата меѓу двете политики се гледа на терен, односно дека додека од ДУИ 20 години зборувале за обезбедени средства, најавувале проекти, цртале патишта и сечеле ленти на презентации, сега Влен ги реализира.
„ДУИ повторно се фали со својата омилена работа, дека нешто ‘обезбедила‘, а лаже. Цел свет полн со лажни ветувања. На граѓаните им останаа ветувањата, а на партиската елита на ДУИ, привилегиите“,
велат од Влен.
Разликата, како што додаваат, е едноставна и се гледа со голо око. Според партијата, она што со години беше цртано на карти, најавувано на прес-конференции и користено пред избори, денес е градилиште.
„Влен не раскажува за проекти, туку тие се градат и се гледаат. Додека ДУИ се слика, Влен гради на терен. Се гради автопат кон Гостивар. Се пробива автопатско поврзувањето кон Кичево. Започна да се гради автопатската врска кон Косово. Се гради Коридорот 8“,
се вели во партиското соопштение.
Според Влен, додека од ДУИ велат дека ги обезбедиле парите, тогаш граѓаните со право прашуваат зошто за 20 години не го изградиле булеваерот.
„Каде ги чувавте? Каде стоеја тие пари? Некаде беа скриени? Зошто западниот дел од Македонија две децении остануваше со тесни грла, опасни патишта, недовршени траси и инфраструктура што не одговара на потребите на граѓани? Додека ДУИ беше незаменлив дел од секоја власт, големите инфраструктурни приказни завршуваа со фотографии и тендерски најави. Западна Македонија чекаше, а приоритетите одеа на други страни. Се градеше за Штип и Гевгелија“,
посочуваат од Влен.
Од ВЛЕН посочуваат дека денес се градат булевари во Тетово, се инвестира во новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, како и во булевари и друга инфраструктура во Струга. Се реализираат и проекти за изградба на улици, канализации, водоводи, канали и локална инфраструктура во општините каде што живеат Албанци.
„Багерите се на терен, а ДУИ е на прес-конференција. Тоа е целата разлика“,
наведуваат од ВЛЕН.
Од партијата додаваат дека 20 години ДУИ им објаснувала на граѓаните што е „обезбедено“, што „ќе почне“, што „се планира“ и што „ќе се гради“, но, како што велат, голем дел од проектите останале само на хартија.
„Пари што стојат на хартија не се автопат. Проект во фиока не е булевар. Ветување на прес-конференција не е инфраструктура. Граѓаните не возат по соопштенијата на ДУИ, туку по патиштата што денес се градат“,
се наведува во реакцијата.
Од ВЛЕН оценуваат дека токму реализацијата на проектите овозможува да се направи разлика меѓу, како што велат, долгогодишните ветувања на ДУИ и актуелните градежни активности.
„ДУИ остави папки. ВЛЕН остава патишта“,
додаваат од владејачката партија.
Од ДУИ денеска истакнаа дека со одлуката за пренaсочување на средствата за изградба на булеварот „Хасан Приштина“ се покажува дека Влен нема ниту визија, ниту капацитет да го разбере стратешкото значење на овој проект.
„Сега, наместо овие средства да се искористат за реализација на овој стратешки проект, Влен ги пренасочува кон друг проект во центарот на Скопје. Ова е јасен показател на нивната неспособност да реализираат стратешки проекти, но и за нивното лицемерие во однос на поврзувањето Скопје – Блаце“,
велат од ДУИ.
Истото, како што велат, се потврдува и со почетокот на изградбата на автопатот Скопје – Блаце, кој бил подготвен од нивна страна, а како што додаваат, Влен го одложил за две и пол години и го поскапел за над 30 милиони евра.
