Иако во текот на ноќта била воспоставена одредена контрола врз пожарот, сепак, со затоплувањето во текот на денот, повторно се појавиле нови жаришта и чад на повеќе позиции
Со механизација е направена противпожарна пресека над боровите, со цел да се спречи напредувањето на огнот
Најтежок и најкомплексен за гаснење во земјава е пожарот што вчера попладне избувна од преспанската страна на Пелистер и се шири кон Националниот парк „Пелистер“, рече денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Во гаснењето првично се вклучиле ресенските пожарникари, а потоа на помош пристигнале и битолските пожарникари.
Откако виделе дека пожарот се шири, Ангелов посочува дека во гаснењето се вклучиле огнените тимови на Дирекцијата, а потоа и неколку пинцгауери и „ертрактори“.
Иако во текот на ноќта била воспоставена одредена контрола врз пожарот, сепак, со затоплувањето во текот на денот, повторно се појавиле нови жаришта и чад на повеќе позиции.
Поради сериозноста на состојбата била побарана дополнителна помош од доброволни пожарникари од Битола.
„Со механизација е направена противпожарна пресека над боровите, со цел да се спречи напредувањето на огнената стихија“,
вели Ангелов.
Рано утрово во гаснењето се вклучил и армиски хеликоптер со ведро од три тони, кој со прецизно исфрлање исфрлање вода изгаснал неколку критични точки.
Ангелов ги демантираше информациите објавени во дел од медиумите дека при гаснењето на овој пожар има повредени пожарникари, посочувајќи дека станува збор за повреден возач на булдожер.
„Тој при скок од булдожер се повредил во пределот кај ребрата. Веројатно има пукнати ребра. Згрижен е во болница и се чувствува добро“,
додаде тој.
Во однос на другите активни пожари на територијата на државата, рече дека е активен пожарот на планината Жеден, кој се шири на делови каде теренот е целосно непристапен.
„Таму гори сува трева, грмушки, трње и друга ниска вегетација. Но, не претставува опасност за населените места во подножјето“,
рече директорот на ДЗС.
Очекува пожарот на Жеден денеска да биде ставен под контрола со ангажман на пожарникарите од Скопје и Тетово.
Во текот на вчерашниот ден на територијата на држава се регистрирани повеќе од 30 пожари, а дождот во источните делови само незначително ја олеснил состојбата.
