Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека од синоќа траат активностите за отстранување на последиците од рускиот напад со дрон во селото Мила во близина на Киев. На терен се воспоставени координативни центри за помош на населението, а ангажирани се повеќе од 300 припадници на украинската Државна служба за вонредни ситуации

Најмалку 37 лица загинаа во руски воздушен напад врз Киевската Област во текот на ноќта, изјави Тимур Ткаченко. Во објава на Телеграм тој напиша дека 42 лица се повредени и дека повеќе од 380 луѓе се евакуираат од подрачјето погодено од нападот во округот Буча.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека од синоќа траат активностите за отстранување на последиците од рускиот напад со дрон во селото Мила во близина на Киев. На терен се воспоставени координативни центри за помош на населението, а ангажирани се повеќе од 300 припадници на украинската Државна служба за вонредни ситуации.
Според Зеленски, погодено е складиште, по што дошло до детонација. Експлозијата предизвикала значителна штета на околната инфраструктура, вклучувајќи станбени згради и дом за стари лица и лица со попреченост.
Меѓу загинатите е и раководителот на локалната заедница Дмитривка, Тарас Дидич, за кого Зеленски изјави дека спасувал луѓе.

Украинскиот претседател најави и истрага за околностите во кои била складирана муниција во близина на станбени објекти. Тој рече дека инспекторите од Националната полиција и Службата за безбедност на Украина покренале предистражна постапка и дека е отворена кривична постапка за службено невнимание.
„Постојат прописи, муницијата не смее да се складира во близина на куќи или други станбени подрачја. Соодветни заклучоци секако ќе бидат донесени“,
изјави Зеленски.
Според него, во текот на ноќта биле нападнати и Одеската, Днипропетровската, Киевската, Запоришката, Сумската, Херсонската, Харкивската, Миколајивската, Донецката и Чернихивската област. Зеленски тврди дека во нападите учествувале повеќе од 260 ударни дронови.
Зеленски исто така изјави дека Киев е под речиси непрекинати напади од млазни дронови и повторно ги повика меѓународните партнери за дополнителна помош во одбраната од таквите напади и продолжување на санкциите против Русија.

Воениот аналитичар Клеман Молен денеска изјави дека Киев е речиси непрекинато изложен на напади од руски млазни дронови „Геран-4“. Според неговите податоци, во текот на август се забележани најмалку 83 удари со дронови и ракети на подрачјето околу украинската престолнина.
Молен тврди дека Русија во текот на денот кон Киев упатила поголем број дронови „Геран-4“ по два главни правци – едниот од подрачјето на аеродоромот во Донецк, а другиот од север, долж границата со Белорусија. Според неговата анализа, дроновите „Геран-2“ биле користени во помал број и главно биле концентрирани на подрачјето на фронтот.
Тој предупреди дека за Украина е особено загрижувачка можноста руските дронови да дејствуваат во воздушниот простор над Киев, да извидуваат цели и да ги проценуваат резултатите од претходните удари.
Молен наведува дека Русија, и покрај помалиот вкупен број лансирања дронови во текот на овој месец, ја зголемила употребата на млазните „Герани-4“, за кои тврди дека се попрецизни и потешки за соборување.
Клеман Молен е француски геополитички експерт кој стекна огромна меѓународна популарност со своите длабоки и прецизни анализи на војната во Украина.
