Една од првите теми за кои е разговарано е можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Тел Авив и Скопје или Тел Авив и Охрид
„Сакаме да бидеме порта кон Европа не само за израелските туристи, туку и за израелските компании. Можеме да бидеме и влезна точка за израелските инвеститори кон европскиот пазар, чиј потенцијал сè уште не е целосно искористен од израелската бизнис-заедница, но и пазар за извоз“, рекол тој
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во интервју за израелскиот весник „Јерусалем Пост“ го истакнал потенцијалот на државата да се позиционира како влезна точка кон Европа за израелските туристи, компании и инвеститори.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во интервјуто, дадено во рамките на неговата прва посета на Израел како министер, посебен акцент е ставен на можноста за воспоставување директна авиолинија Тел Авив–Скопје или Тел Авив–Охрид.
„Една од првите теми за кои разговаравме беше можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Тел Авив и Скопје или Тел Авив и Охрид, кој е нашиот главен туристички центар и град за кој верувам дека секој Израелец би сакал да го посети“,
рекол министерот.
Според него, амбицијата не се однесува само на туризмот, туку и на привлекување израелски компании и инвестиции.
Како што посочил, стратешката местоположба на земјата на пресекот на европските транспортни коридори 8 и 10, како и инвестициите во енергетската поврзаност, отвораат можности Северна Македонија да биде влезна точка за израелските компании кон европските пазари.
„Сакаме да бидеме порта кон Европа не само за израелските туристи, туку и за израелските компании. Можеме да бидеме и влезна точка за израелските инвеститори кон европскиот пазар, чиј потенцијал сè уште не е целосно искористен од израелската бизнис-заедница, но и пазар за извоз“,
порачал Муцунски.
Во интервјуто биле посочени и можностите за продлабочување на соработката во земјоделството, управувањето со водите, безбедноста, иновациите, туризмот, здравството и образованието, како и во инвестициите и одбранбената индустрија.
Муцунски оценил дека билатералните односи со Израел треба да се подигнат на следно ниво и да се преточат во поконкретна соработка во повеќе области од заемен интерес.
„Од формирањето на Владата, билатералните односи со Израел ги поставивме како еден од приоритетите на нашата надворешна политика“,
кажал тој.
Во изминатиот период, како што велат од ресорното Министерство, е зголемена и динамиката на политичките контакти меѓу двете земји, меѓу кои и посетата на парламентарна делегација предводена од пратеничката Рашела Мизрахи во јануари, кога биле остварени средби со претседателот на Кнесетот Амир Охана и други израелски претставници.
Според Муцунски, посетата на Израел и разговорите со израелските претставници се можност позитивната динамика во билатералните односи да се надгради со посилни економски врски, поголема туристичка размена и нови можности за инвестиции и деловна соработка.
