„Поранешниот советник на Заев за локална самоуправа, Виктор Петрушевски и поранешен член на високите партиски тела на СДС, е вклучен во последната шпионска афера во соседна земја, каде што тамошни јавни личности испаднаа дека се дел од тајната српска служба, за што е поднесено и обвинение“, се вели во партиското соопштение
Претходно од СДСМ денеска соопштија оти премиерот Христијан Мицкоски и актуелниот министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ се извршители на хибридното дејствување на српскиот претседател Александар Вучиќ на Балканот
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, и неговата партија за хипокризија поради обвинувањата за ширење на српско влијание во државата.

Ваквата реакција следи откако од СДСМ денеска соопштија оти премиерот Христијан Мицкоски и актуелниот министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ се извршители на хибридното дејствување на српскиот претседател Александар Вучиќ на Балканот.
Во партиското соопштение се вели дека поранешен советник на експремиерот Зоран Заев, Виктор Петрушевски, кој бил и член на високите партиски тела на СДСМ, се појавува во шпионска афера во соседна земја поврзана со српската Безбедносно-информативна агенција (БИА).
„Додека обвинуваат за ‘српски свет‘ во Македонија, советник на Зоран Заев е фатен соработник на БИА, а од друга страна градоначалници на СДС прават концерти со пејачите на Вучиќ. Поранешниот советник на Заев за локална самоуправа, Виктор Петрушевски и поранешен член на високите партиски тела на СДС, е вклучен во последната шпионска афера во соседна земја, каде што тамошни јавни личности испаднаа дека се дел од тајната српска служба, за што е поднесено и обвинение. Значи, во истиот предмет за соработници на БИА, се појавува и името на Петрушевски, советникот на менторот на Венко Филипче, Зоран Заев“,
се вели во партиското соопштение.
ВМРО-ДПМНЕ го обвинува СДСМ за двојни стандарди и поради концертите организирани од градоначалници на партијата. Како пример ја посочуваат Крива Паланка, каде, според нив, се најавени настапи на српски музички изведувачи.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека на плоштадот во Крива Паланка треба да настапи Лепа Брена, додека Ацо Пејовиќ ќе настапи во Македонска Каменица.
„Хипокризијата да биде уште поголема, Љупчо Николовски Путерот и градоначалникот на Крива Паланка ќе се забавуваат на плоштад со концерт на Лепа Брена, која и пееше на војската на Младиќ“,
велат од партијата.
Партијата, како што додаваат оттаму, не е против настапите на пејачите, но оти е вредно да се нотира дека овие изведувачи, дел од српската опозиција ги прогласила како „режимски“ и блиски до власта на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Во соопштението ВМРО-ДПМНЕ ги поврзува овие случаи со своите обвинувања за влијание на српските структури во земјата и тврди дека тие покажуваат кој е извршител и соработник на српските служби.
Од СДСМ денеска, пак, обвинија дека премиерот Христијан Мицкоски ги следи политиките на српскиот претседател Александар Вучиќ и неговата Српска напредна странка (СНС).
Ова, според опозицијата, е свесна политика на премиерот, со цел земјата да биде држена подалеку од ЕУ и во изолација, а поблиску до авторитарни сили и источни влијанија.
Вчера на социјалните мрежи се појавија неколку објави во кои се величаа ликот на поранешниот командант на војската на Република Српска и осуден воен злосторник, Ратко Младиќ, кој завчера почина во Хаг.
