Тој посочи дека при определувањето на износот ќе се оди според актуелниот член од Законот за процентуално зголемување на пензиите, односно нема да се прават измени за линеарно покачување, како што тоа беше случај во изминатите две години, кога, како што кажа, пензиите биле зголемени за 7 000 денари
Износот на порастот на пензиите ќе се знае на почетокот на септември, а според сите параметри и сознанија ќе биде 3 до 3,5 проценти, вели министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.

„Се чека да заврши август и веќе следната недела ќе ги имаме параметрите и ќе излеземе со конкретни бројки, бидејќи треба да влезат во исплата на септемвриската пензија што ќе се земе на 1 октомври“, рече Велковски во вечерашното гостување во централниот Дневник на телевизија Сител.
Тој посочи дека при определувањето на износот ќе се оди според актуелниот член од Законот за процентуално зголемување на пензиите, односно нема да се прават измени за линеарно покачување, како што тоа беше случај во изминатите две години, кога, како што кажа, пензиите биле зголемени за 7 000 денари.
За тоа дали ќе има дополнителни интервенции, ресорниот министер кажа дека за тоа ќе се одлучува понатаму, во зависност каде ќе се движат одредени параметри. Следното усогласување, според законските прописи, потсети тој е во март догодина, а дотогаш, како што додаде, има време.
„Дали ќе има дополнителни интервенции, согласно политиките и динамиката како ќе се движат одредени параметри во државата одлуките ќе се носат дополнително. Следното (зголемување) е во март 2027 година. Дотогаш мислам дека има време“,
кажа Велковски.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има раст на пензиите од септември, изјави дека за да се заштитат пензионерите, пензиите ќе растат согласно законот. Во тој контекст, премиерот наведе дека кога Владата ги зголемила пензиите линеарно, тогаш одредени поединци охрабрени од опозициските партии поднеле иницијатива пред Уставниот суд за негово укинување.
„Да, тоа ќе биде редовно нивелирање, усогласување согласно закон. Знаете дека постоеја иницијативи од страна на поединци во позадина охрабрени од политички партии да пред Уставниот суд покренат тема за линеарното зголемување на пензиите. За да ги заштитиме пензионерите и пензиите, понатаму зголемувањето ќе биде согласно усогласувањата предвидени со закон“,
рече премиерот Мицкоски.
