Според Центарот за управување со кризи, активни пожари има на териториите на општините Сарај, Гостивар, Македонски Брод, Чашка, Јагуновце, Прилеп и Охрид
Денеска, до 18 часот, во државава се регистирани вкупно 20 пожари на отворен простор, од кои осум се активни, а три се под контрола, информира Центарот за управување со кризи (УХМР).

Според вечерашниот пресек на состојбата со пожарите на отворено, во селот Копаница во Општина Сарај гори ниска вегетација, додека во гостиварското село Трново и во селата Битово, Заград и Страјане на територијата на Општина Македонски Брод зафатени се нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат. Пожари има и над село Нежилово, во Општина Чашка, кај местото викано Сватови, каде е зафатена ниска вегетација и единечни дрва, а активен е пожарт во село Копанце во Општина Јегуновце, каде гори мешана шума. Дива депонија и ниска вегетација горат над касарната во Прилеп, како и кај старите гробишта во градот, каде, исто така, е зафатена ниска вегетација.
Активни се и пожарите кај охридските села Велмеј и Брежани, каде гори ѓубре и ниска вегетација, како и во прилепското село Црнилиште, каде, исто така, од оган е зафатена ниска вегетација.
Под контрола се пожарите на депонија во Делчево и во село Црквенец, каде гори ниска вегетација, како и кај селата Моране, Вртекица и Рамни Габер во општина Студеничани и кракот кон село Палиград, над селата Вражале и Тисовица во општина Зелениково, каде гори мешана шума.
