Од Финансиска велат дека ги испитуваат сите индиции и информации што се изнесени во јавноста, а во соопштението оттаму наведуваат дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), врз основа на постапувањето на институциите, ја запрела постапката за промена на сопственичката структура на една телевизија и едно радио
Управата за финансиска полиција, преку соопштение што го пренесуваат дел од медиумите, информира дека отворила предмет и ги проверува наводите за можен влез на сомнителен капитал во македонскиот медиумски простор.

Соопштението од Финансиска доаѓа откако опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) јавно побара од надлежните институции да ги истражат сомнежите за, како што, денеска изјави партиската портпаролка Богданка Кузеска, влегувањето на српската медиумска машинерија во земјава.
Од Финансиската полиција велат дека ги испитуваат сите индиции и информации што се изнесени во јавноста, а во соопштението оттаму наведуваат дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), врз основа на постапувањето на институциите, ја запрела постапката за промена на сопственичката структура на една телевизија и едно радио.
„Во врска со наводите изнесени од страна на СДСМ за наводен влез на сомнителен капитал и купување на телевизија, ја информираме јавноста дека Управата за финансиска полиција постапува по предмет и ги испитува сите индиции и информации кои беа изнесени во јавноста, а АВМУ врз основа на постапувањето на институциите ја запре постапката за промена на сопственичката структура на една телевизија и радио. Институциите, во рамки на своите законски надлежности, ги презема потребните дејствија за утврдување на сите релевантни факти и околности“,
се вели во соопштението од Управата за финасиска полиција.
Оттаму апелираат да не се шпекулира и да не се дезинформира јавноста со непроверени и невистинити информации, бидејќи, како што додаваат, надлежните институции постапуваат професионално и согласно закон, со цел заштита на јавниот интерес.
Портпаролката на СДСМ, Кузеска денеска на прес-конференција рече дека со заобиколување на законите неколку канали подолг период работат без домашна дозвола, како и дека истиот модел се подготвува и со „Еуроњуз Македонија“ и влегувањето на српската медиумска групација „Ало“ во земјава.
Социјалдемократите од Бихаќка дополнително обвинуваат дека со влезот на српската „Алта банка“ во земјава, се создава механизам за пренасочување на државните средства кон банка поврзана со финансирање и влијание врз медиумите.
Имено, од СДСМ бараат да се провери потеклото и движењето на парите, како и евентуалната повразност со медиумски инвестици.
Засега не се соопштуваат повеќе детали за предметот на Финансиската полиција. Не е познато кога таа е отворена, ниту која телевизија и радио конкретно се опфатени со запрената постапка од ААВМУ.
Инаку, вчера петте телевизии, членки на Македонската медиумска асоцијација (ММА) и јавниот сервис МРТ излегоа со тврдење дека телевизиските канали Arena M1, M2 и M3 Premium во земјава работат без потребните домашни дозволи, а Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги неправилно ги третира како странски програмски сервиси.
Од АВМУ ги отфрлија ваквите наводи и посочија дека нема незаконско постапување. Според регулаторот, посочените канали се третираат како странски, а не домашни програмски сервиси, бидејќи нивниот изворен сигнал не се емитува од територијата на Северна Македонија.
