Загинатите се еден возрасен и две малолетни лица. За време на несреќата, заедно со нив во автомобилот имало уште две лица, исто така македонски државјани, кои се повредени
Тројца македонски државјани загинаа во тешка сообраќајна несреќа што вчера се случила на автопат во Словенија – информираат денеска од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Загинаа еден возрасен и две деца. За време на несреќата, заедно со нив во автомобилот имало уште две лица, исто така македонски државјани. Тие се повредени. Според официјалното известување кое полциијата го доставила до македонската амбасада во Љубљана, несреќата се случила вчера на автопатот А1, во близина на местото Унец.
„Случајот го обработуваат надлежните полициски органи во Копер. Амбасадата на Северна Македонија во Љубљана е во комуникација со надлежните словенечки институции и го следи понатамошниот тек на постапката“,
соопштија од МНР.
Локалните медиуми пишуваат дека несреќата се случила вчера попладне околу 16:30 часот, а во неа учествувале патничко возило и камион. Според првичните информации, несреќата се случила кога автомобилот удрил во задниот лев дел од приколката на камионот, кој во тој момент, поради дефект, бил во паркинг-просторот.
На местото веднаш излегле полициски и противпожарни екипи, а лекар ја потврдил смртта на трите лица. Еден од повредените бил пренесен во болница со хеликоптер, а повредениот возач, исто така, е однесен во болница.
Институтот за спасување на Словенија упати критики до возачите на останатите возила, кои и покрај трите ленти во еден правец на автопатот каде што се случила несреќата, не успеале да создадат доволно широк коридор за движење на возилата за итна помош. Како неодговорно, од Институтот го посочуваат и однесувањето на дел од возачите и патниците кои ги напуштиле своите возила и се движеле пеш по автопатот.
