Засега, како што додаде, не може да сподели повеќе детали бидејќи предметот е во фаза на оперативна обработка и постојат основани сомневања дека се сторени незаконитости
На дополнително новинарско прашање дали оваа група е поврзана со аферите од минатото за издавање лажни пасоши, министерот посочи дека доколку во претходниот случај имало построги казни можеби би имале превентивен ефект
Секој што ја злоупотребил довербата на македонските граѓани и го оцрнил образот на Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе биде најстрого санкциониран, рече вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на ТВ Сител одговарајќи на новинарско прашање поврзано со случајот во кој вработени во управните служби на полицијата незаконски додавале категории во возачки дозволи на лица што никогаш не полагале за управување камион или автобус.

„За секој што ќе се најде каков било доказ дека злоупотребил каква било позиција или несовесно работел во службата ќе се постапи и ќе биде најстрого санкциониран“,
кажа министерот.
Потврди дека МВР постапува по информации за конкретни сомнежи за сторено кривично дело кои се споделени и со Обвинителството.
„Јавното обвинителство донесе наредба за преземање одредени истражни дејствија од страна на Внатрешната контрола во рамки на Министерството“,
рече тој.
Засега, како што додаде, не може да сподели повеќе детали бидејќи предметот е во фаза на оперативна обработка и постојат основни сомневања дека се сторени незаконитости.
„Кога ќе можеме, секако дека ќе ја информираме јавноста. Ова е битна тема и за МВР и за јавноста. Не смее да дозволиме злоупотреба на службената положба“,
вели Тошковски.
На дополнително новинарско прашање дали оваа група е поврзана со аферите од минатото за издавање лажни пасоши, министерот рече дека не сака да навлегува во детали во тој дел, посочувајќи дека доколку во претходниот случај имало построги казни, можеби би имале превентивен ефект.
Според него, иако сега станува збор за возачки дозволи, а претходно за патни исправи, сепак суштината е иста, затоа што има сомнежи за злоупотреба на службената положба или несовесно работење во службата во делот на фалсификување исправи.
„Ако имаше построги затворски казни со одредени останати мерки што може да бидат изречени во рамки на правосилна пресуда кон оние за кои беше докажано дека злоупотребувале позиција во рамки на МВР, сега немаше така лесно да се дрзнат и повторно да го направат истото“,
кажа тој.
Како што објавивме претходно, Внатрешната контрола на МВР истражува случај во кој вработени во управните служби на полицијата незаконски додавале Ц или Д-категории во возачки дозволи на лица што никогаш не полагале за управување камион или автобус, а за услугата наплаќале по 1 400 евра.
Постапката функционирала така што лицето пријавувало дека ја изгубило возачката дозвола и поднесувало барање за издавање нова. При фотографирањето за новата дозвола, во системот се додавала повисока категорија, па возачот добивал нов документ со право да управува и со возила за кои немал положено.
За случајот реагираа и од партијата Левица, од каде што тврдат дека станува збор за повеќе од 300 возачки дозволи во кои незаконски биле внесени категории за управување со тешки моторни возила и автобуси на лица што не ги исполнувале законските услови.
