„Овој пожар имал потенцијал да направи голема беља затоа што наоколу има многу куќи, а и многу населени од она што можам да го видам“, вели директорот на ДЗС
Над православните гробишта во Тетово претпладнево околу 11 часот избувна тежок пожар, кој се појави помеѓу неколку куќи – информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов. Пожарот набрзо се проширил кон блиската шума во насока на тетовското кале.

Пожарот во моментов е ставен под целосна контрола, а на негово гасење интервенирале тетовските пожарникари и полицискиот хеликоптер, кој во девет наврати фрлил вода кон огнените јазици.
„Избегната е голема катастрофа, Овој пожар имал потенцијал да направи голема беља затоа што наоколу има многу куќи, а и многу населени од она што можам да го видам“,
вели директорот на ДЗС.
Според изјавата на еден од жителите на околните куќи, пожарот избувнал за време на детска игра, кога наеднаш се појавила искра и огнот брзо се проширил и зафатил сунѓери во близина.
