Од Агенцијата за храна и ветеринарство соопштија дека во периодот 24 до 27 август до нив стигнале над 100 пријави за угинати птици. Од тестираните примероци, како што велат, досега се добиени два позитивни лабораториски резултати – еден кај угината птица пронајдена на подрачјето на Скопје и еден кај птица пронајдена на подрачјето на Ресен
Западнонилската треска досега е потврдена кај две угинати птици – информираат денеска од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Се работи за угинати птици кои се пронајдени на подрачјето на Скопје и Ресен.

Од Агенцијата соопштија дека во периодот 24 до 27 август до нив стигнале над 100 пријави за угинати птици, како врапчиња и други видови, кои, како што велат, не се соодветни за испитување за западнонилска треска
„Поради тоа, не секоја пријава може да резултира со земање примерок и лабораториско испитување. Од тестираните примероци, досега се добиени два позитивни лабораториски резултати – еден кај угината птица пронајдена на подрачјето на Скопје и еден кај птица пронајдена на подрачјето на Ресен“,
велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска на прес-конференција појасни дека во Ресен бил пронајден мртов гавран во централното градско подрачје, односно во паркот покрај Општината.
„Многу видови птици се засегнати од вирусот. Гавранот е една од птиците која е засегната и може да биде мртва од вирусот. Ова е важно затоа што гавранот е генерално стационарна птица, значи не е птица преселница, и пронаоѓањето на мртов гавран може да укаже на локална циркулација на вирусот на западнонилска треска. Веднаш го известивме Центарот за јавно здравје – Битола и градоначалникот на Ресен да направат ревизија на плановите за прскање против комарци и да почнат со прскање по индикации“,
изјави Клековски.
Министерот информира дека уште две птици од Скопје во моментов се во фаза на тестирање. Вирусот Западен Нил првпат кај мртва птица беше регистриран минатата недела, кај угинат гавран на територијата на Скопје.
Од АХВ соопштија дека постапуваат по најголем дел од пријавите за угинати птици, а најавуваат и засилени активности за утврдување на епидемиолошката состојба со западнонилската треска кај живината. Надзорот, велат, ќе се спроведе во целата држава и ќе опфати живина во дворови и селски стопанства, птици кои се чуваат во кафези или друг затворен простор, како и одгледувалишта на водени птици во дворови и селски стопанства.
„Во однос на дивите птици, апелираме граѓаните да не создаваат непотребна загриженост при појава на поединечна угината птица во урбана средина. Особено внимание треба да се посвети доколку на исто подрачје и во краток временски период се забележат поголем број угинати гаврани или други диви преселни птици“,
велат од АХВ и апелираат ваквите случаи да бидат пријавени.
