Сепак, тој додава дека наплатата на казните не е примарната цел на системот, туку спасувањето човечки животи

Министерството за внатрешни работи (МВР), преку системот „Безбеден град“, за шест дена наплатило приближно 11 500 казни во вредност од околу 8,5 милиони денари, информира министерот Панче Тошковски во телевизиско интервју.
Казните, како што кажа, се однесуваат на периодот откако на граничниот премин „Табановце“ започна санкционирањето возила со странски регистарски таблички.
Сепак, тој додава дека наплатата на казните не е примарната цел на системот, туку спасувањето човечки животи.
Како најзначаен показател за ефектите од системот, министерот го издвои намалувањето на бројот на жртви во сообраќајот. Според податоците изнесени во интервјуто, заклучно со крајот на август минатата година, биле регистрирани 96 жртви, додека во истиот период годинава бројката е намалена на 58 жртви.
„Човечкиот живот нема цена. Тоа е нашата стратегија и нашата цел. Мораме да излеземе од црните статистики што Македонија со години ги има во споредба со европските држави и убеден сум дека, ако продолжиме со вакво темпо, во следните две-три години можеме значително да се приближиме до европскиот просек“,
додаде Тошковски.
Министерот информира и дека продолжува проширувањето на „Безбеден град“ на територијата на целата држава. Според најавениот план, примената на системот на територијата на СВР Велес треба да започне во првата половина на септември, а до крајот на септември и на подрачјето на СВР Охрид. Потоа следуваат СВР Струмица и СВР Штип, а се планираат активности и за имплементација на системот на територијата на СВР Битола. Целта е паметниот систем да биде имплементиран на целата територија на државата.
Откако на 19 август почна примената на системот „Безбеден град“ за казнување на странците, од МВР соопштија дека за два дена се регистрирани 5 514 прекршоци од страна на возила со таблички различни од домашните.
Контролата почна да се спроведува на граничниот премин „Табановце“ на македонско-српската граница, на излез од државата, каде во системот се појавуваат возила со странски регистарски ознаки кај кои „Безбеден град“ претходно евидентирал сообраќајни прекршоци.
Ова доведе до метеж и зголемен број возила на граничниот премин, а од МВР рекоа дека тоа е поради тоа што станува збор за почеток од примената на овој механизам, при што се опфаќаат и претходно евидентираните прекршоци. Негативни реакции и негодувања за примената на механизмот дојдоа најмногу од државјаните на соседна Србија.
За намалување на метежот Министерството за внатрешни работи во функција ја стави новата веб-апликација, преку која странските возачи ќе можат брзо и едноставно да проверат дали имаат евидентирано сообраќајни прекршоци од системот „Безбеден град“, да добијат увид во издадените прекршочни платни налози и електронски да ги платат глобите.
