При логирање на платформата, корисникот треба да ја слика или скенира својата патна исправа и да ги внесе регистарските таблички на возилата со кои управува во Македонија

Министерството за внатрешни работи (МВР) ја стави во функција новата веб-апликација со мобилен интерфејс „Безбеден град“, која во оваа фаза е наменета за странските државјани кои управуваат возила со странски регистарски таблички низ државата.
Преку оваа дигитална платформа, странските возачи ќе можат брзо и едноставно да проверат дали имаат евидентирано сообраќајни прекршоци од системот „Безбеден град“, да добијат увид во издадените прекршочни платни налози и електронски да ги платат глобите.
При логирање на платформата, корисникот треба да ја слика или скенира својата патна исправа и да ги внесе регистарските таблички на возилата со кои управува во Македонија.
„На овој начин, странските возачи што со своите возила ќе бидат евидентирани дека сториле сообраќаен прекршок на територијата на целата држава, ќе можат навремено и едноставно да се информираат и да ја регулираат својата обврска, без потреба од дополнително задржување на граничните премини“,
се вели во информацијата од МВР.
Од МВР истакнуваат дека ова е важен чекор кон дигитализација на нивните услуги, а во следните фази е предвидено проширување на функционалностите на апликацијата и за другите категории корисници.
Линк до апликацијата: https://safecountry.mvr.gov.mk/
Оваа информација од МВР доаѓа откако од вчера и странците што со возила поминуваат низ земјава, а сториле сообраќаен прекршок, се казнуваат на граничниот премин „Табановце“.
Ова доведе до метеж и зголемен број возила на граничниот премин, а од МВР рекоа дека тоа е поради тоа што станува збор за почеток од примената на овој механизам, при што се опфаќаат и претходно евидентираните прекршоци.
