Командирот на тетовската противпожарна единица Авни Амети вели дека 90 отсто од пожарот е изгаснат и дека е спречено огнените јазици да зафатат шума и голем број лозја и овоштарници
Под целосна контрола е ставен пожарот на планината Жеден, кој по неколку дена активност навлезе во атарот на скопско Бојане – објави попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов. Со ова, вели тој, во голема мера ќе се намали и чадот што одовде одеше во насока на Скопје.

Командирот на тетовската противпожарна единица Авни Амети вели дека 90 отсто од пожарот е изгаснат и дека е спречено огнените јазици да зафатат шума и голем број лозја и овоштарници.
„Цел ден тука сме. Од сабајле се бориме со огнените јазици. Видовте сами дека чадот беше многу голем поради големата јачина на пожарот. Се бориме со пожарот од наутро и можам да кажам дека 90 отсто е изгаснат“,
вели командирот на тетовската противпожарна единица.
Тој ги повика граѓаните да бидат внимателни и итно да пријават доколку забележат пожар на отворено.
Претходно денеска директорот на ДЗС информира дека чадот што попладнево беше забележлив во делови од Скопје доаѓа од пожарот на планината Жеден во атарот на селото Бојане. Од ЦУК, пак, посочија дека ветрот го носи чад во Скопје од пожарот на планината Китка, на подрачјето на општините Студеничани и Зелениково.
