„Им порачувам на потпалувачите дека сите државни служби работат на откривање на нивниот идентитет и порано или подоцна ќе бидат изнесени пред лицето на правдата“, изјави денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување
Од пет шумски пожари, што денеска се активни на територијата на државата, најтежок и најкомплекснен за гаснење е оној на планината Китка, во Општина Студеничани, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Тој во својата пладневна видеоизјава за состојбата со пожарите, со доза револт, вели дека постојат индиции оти пожарот на Китка некој намерно го реактивира, бидејќи иако пред три дена бил целосно изгаснат и цел ден немало ниту траг од горење, сега повторно е пламнат.
Во текот на вчерашниот ден имавме најмалку 33 пожари на отворен простор. Најкомплексен и најтежок за гасење е пожарот што сега гори на планината Китка, рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
„Најтежок, најкомплексен за гасење е пожарот којшто сега гори на планината Китка, пожар којшто во неколку наврати го стававме под целосна контрола, пожар којшто во неколку наврати и целосно беше изгаснат, пожар на којшто пред три дена му го зададовме конечниот удар затоа што еден цел ден немаше ниту траг од горење. За жал, некои злобници, луѓе коишто од користољубие или од одмазнички мотиви упорно го палат и повторно подметнаа долга линија којашто беше неможно да се изгаси брзо. Овие злобници коишто палат ваков пожар на вакво место треба да знаат дека со нивното поведение ризикуваат да убијат други луѓе, да ги убијат жителите на многубројните села околу и под Китка“,
вели Ангелов.
Тој апелира до локалното население да внимаваат на некои луѓе се наоѓаат меѓу нив бидејќи, како што вели, има индиции дека потпалувачите се токму од тој регион.
„Им порачувам на потпалувачите дека сите државни служби работат на откривање на нивниот идентитет и порано или подоцна ќе бидат изнесени пред лицето на правдата“,
додаде Ангелов.
Инаку, попладнево во Скопје е забележлива зачаденост за која од Центарот за управување со кризи велат дека се должи на ветерот кој го носи чадот од пожарот на планината Китка.
На пожарот на Китка, како што информираа од ЦУК, претпладнево дејствувал хеликоптер на МВР со цел ставање на огнот под контрола.
Како што појаснуваат оттаму, во Општина Студеничани гори во регионот на селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, со крак кон село Палиград и село Вражале во Општина Зелениково, каде што гори мешана шума.
Покрај овој пожар, ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки горат во општина Македонски Брод, кај селото Драгов Дол, местото викано „Видуш“ и кај село Локвица.
Во општина Илинден, кај логистичкиот центар на КАМ, гори ниска вегетација. Четвртиот активен пожар е, исто така, во оваа општина, кај село Бујковци, каде е опожарена ниска вегетација
Шума гори и во општина Сарај во регионот на село Бојане.
Ангелов се осврна и на состојбата со пожарите во текот на вчерашниот ден, наведувајќи дека имало неколку исклучително тешки стихии, посочувајќи на оние на крајниот исток на државата – во атарот на пехчевското село Црник, во близина на границата со Бугарија и во близина на селото Бигла, кое се наоѓа на средина на патот меѓу Македонска Каменица и Делчево.
Пожарот кај Црник, според Ангелов, е целосно изгаснат, додека огнената стихија кај Бигла е ставена и се држи под контрола.
Директорот на ДЗС посочи дека дождот што вчера заврнал на неколку места во државата помогнал да биде изгаснат пожарот кој се развиваше над село Сушица, над Коњаре, што претходно започна на територијата на општина Куманово во атарот на село Винце.
