Тој најави дека во текот на следниот месец ќе го презентира мастерпланот што ќе содржи шест јасно дефинирани точки за иднината на државата, зајакнувањето на системот и благосостојбата на граѓаните

СДСМ е подготвен за избори. Утре да се случат, ние сме подготвени и со тимот и со програмата, рече лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Изјавата на Филипче доаѓа откако премиерот Христијан Мицкоски минатата недела го актуализира прашањето за предвремени парламентарни избори и рече дека власта е подготвена за тој циклус доколу опозицијата тоа го побара.
Филипче во својата изјава порача дека партијата нема да биде алиби за предвремени парламентарни избори. Според него, главната причина зошто власта размислува за избори е тоа што ги потрошила буџетските средства и се соочува со финансиски проблеми во економијата.
Според Филипче, државата се соочува со пад на странските инвестиции и индустриското производство, како и со долг од близу 200 милиони евра кон компаниите за поврат на ДДВ, што го загрозува нивното работење.
Претседателот на СДСМ изрази загриженост и за влијанието врз медиумскиот простор, тврдејќи дека се врши подготовка за засилување на пропагандата преку влез на нови медиумски структури.
„Во целата оваа ситуација кога се спремаат очигледно за избори, без разлика дали ќе бидат предвремени или регуларни, тогаш освен медиумите што оваа власт веќе ги има под контрола на луѓето блиски на Орбан и кои се 40 отсто од вкупниот број медиуми, сега се спрема да влезе и тешката српска пропагандна артирелија на чело со ’АЛО медија’, купуваат медиуми, телевизии, ’Еуроњуз’ е веќе тука“,
рече Филипче.
Тој се осврна и на партијата Левица, од каде што најавија дека се согласуваат да има предвремени избори и сметаат дека можат да ги обединат сите кои сакаат општество поинакво од она што го нудат ДПМНЕ и старите политички елити.
Филипче посочи дека обединувањето на опозицијата може да биде исклучиво околу „Фронтот за вистина и правда“ предводен од СДСМ. Тој додаде дека доколку партијата Левица ги промени своите ставови кон НАТО и ЕУ, може да биде дел од тој фронт.
„Доколку кажат и ги сменат своите политики и се откажат од своите ментори и финансиери мајка Русија и татко Христијан Мицкоски, и тие се добредојдени во фронот за вистина и правда. Нека се откажат, нека кажат дека НАТО е добро за земјата и дека се за ЕУ“,
додаде Филипче.
Тој оцени дека европскиот пат на државата е во застој додека соседите како Црна Гора и Албанија напредуваат, а обвинувањата за блокирањето на законот за двојни државјанства ги поврза со тоа што функционери од власта поседуваат бугарски пасоши.
Според него, власта има целосно непрофесионален начин на водење на државата, комплетна незаинтересираност за што било добро за државата и граѓаните.
„За Европа повеќе никој не ни зборува, останавме слепо црево на Балканот и на Европа во моменти кога од ЕУ доаѓаат сигнали дека ќе се забрза патот на Црна Гора имајќи го предвид хибридното влијание на Србија таму и сите обиди да нема прогрес на европскиот пат на Црна Гора. Тоа ЕУ го препознава и го забрзува делот на отворање и затворање на поглавјата за што поскоро да се заврши тој процес и Црна Гора да стане полноправна членка на ЕУ. Многу силно напред интензивно работи и Албанија. Со нас повеќе никој не се занимава, никој не нè спомнува. Наводно има некакви тајни разговори, ништо од тоа не е вистина поради тоа што единствената вистина е дека оваа влада не сака во Европа“,
рече Филипче.
Тој најави дека во текот на следниот месец ќе го презентира мастерпланот што ќе содржи шест јасно дефинирани точки за иднината на државата, зајакнувањето на системот и благосостојбата на граѓаните.
„Шест точки јасно, добро дефинирани, да знаат граѓаните за што ќе гласаат кога и да се случат следните избори“,
додаде претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На новинарско прашање дали СДСМ се изолира од останатата опозиција со оглед на тоа што другите партии одговорија позитивно на повикот на Мицкоски, Филипче рече дека не станува збор за изолирање и повтори дека СДСМ се лидери во движењето и фронтот за вистина и правда и оти ќе се соочат на изборите, кога и тие да бидат.
