„Бараме во наредните денови да се утврди најбрзиот уставен рок, да започнат изборните подготовки и на граѓаните да им се даде можност да одлучат за насоката во која ќе се движи државата“, велат од ДУИ
Реакцијата на Демократската унија за интеграција следи по денешниот одговр на премиерот Христијан Мицкоски во кој тој порача дека доколку опозицијата мисли оти се потребни предвремени избори, тие како владејачка коалиција позитивно ќе одговорат на таквите повици.
Во соопштението на ДУИ се вели дека премиерот конечно разбрал дека ваквата состојба е неодржлива и дека на државата ѝ е потребен нов политички мандат. Од ДУИ бараат изјавата на премиерот веднаш да се претвори во конкретно дејствување
„Владата го загуби легитимитетот да продолжи со европската изолација, влошувањето на меѓуетничките односи, нарушувањето на Охридскиот договор и слабеењето на застапеноста на Албанците во институциите. Затоа ДУИ бара изјавата на премиерот веднаш да се претвори во конкретно дејствување. Бараме во наредните денови да се утврди најбрзиот уставен рок, да започнат изборните подготовки и на граѓаните да им се даде можност да одлучат за насоката во која ќе се движи државата“,
се вели во соопштението на ДУИ.
Од партијата на Ахмети дополнуваат дека доколку понудата на премиерот е сериозна, тогаш нема причина за одложувања, изговори или политички калкулации. Велат дека се подготвени да одат на избори и дека сега Собранието треба да се распушти.
