Неофицијално, досега едно лице се пријавило за гласање во изолација што треба да се реализира два дена пред изборниот ден
Гласачите кои по 8 јули ќе се заразат со коронавирусот или ќе добијат решение за самоизолација, нема да може да гласаат на овие избори
Тече рокот за пријавувања за гласање во изолација. Неофицијално, „360 степени“ дознава дека досега само еден гласач кој е во изолација се пријавил да гласа на предвремените парламентарни избори.
Останатите кои се во домашен карантин поради позитивен тест на ковид-19 или решение за самоизолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, можат да се пријават за гласање во Општинските изборни комисии до 8 јули на полноќ – електронски или преку полномошник, со приложување на копија од решението за домашен карантин или самоизолација. Потоа, општинските изборни комисии ги сумираат пријавите и ги доставуваат до Државната изборна комисија, со што на 9 јули ќе се знае конечната бројка на лица кои ќе гласаат дома поради коронавирусот.

Според податоците на Државниот санитарен и здравствен инспекторат кои на денешната прес-конференција ги соопшти министерот Венко Филипче, околу 5 000 луѓе се на домашно лекување од ковид-19.
Од нив, оние што имаат право на глас и ќе се пријават навреме, гласачкото право ќе го остварат први, в понеделник, на 13 јули. Тој ден дома ќе ги посетат посебни избирачки одбори, составени од по тројца здравствени работници и претставници на партиите. Тие со скафандери, заштитни маски и средства за дезинфекција ќе појдат во домот на пријавениот гласач за да го оствари своето гласачко право. Заштитната опрема целосно ќе се менува по посетата на секој дом.
Освен посебните избирачки одбори, и гласачите во изолација ќе треба да носат заштитна маска и ракавици. Доколку немаат, ќе ги добијат од избирачкиот одбор. Гласачот треба да ја симне маската на неколку секунди за идентификација и пред и по гласањето задолжително да ги дезинфицира рацете. Во текот на чинот, гласачот држи растојание од заштитениот избирачки одбор.
Гласачите кои по 8 јули евентуално би се заразиле со коронавирусот или ќе добијат решение за самоизолација, нема да може да гласаат.
Три дена гласање
По лицата во изолација кои гласаат на 13 јули (понеделник), следниот ден на 14 јули (вторник), ќе гласаат болните и изнемоштени лица, како и луѓето во затвор или домашен притвор.
На 15 јули (среда) гласаат останатите гласачи од Избирачкиот список. За нив гласањето ќе почне во 7 часот, а ќе заврши во 21 часот. Изборниот ден првпат е продолжен за два часа, поради новонастанатата ситуација со коронавирусот.
„360 степени“ претходно објави графички приказ како е предвидено да се гласа во врема на коронакриза, со цел самиот чин на гласање да не стане и чин на ширење на вирусот. Погледнете го видеото во продолжение.