ДУИ јавно ги повикува Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да соопштат дали е отворен предмет и кои дејствија се преземени за истражување на договорите, одлуките и евентуалната одговорност за финансиската штета

Демократската унија за интеграција (ДУИ) обвинува дека по поминати речиси четири месеци откако јавно алармирале за случајот во МЕПСО и побарале одговорност од директорот Бурим Латифи, сè уште нема целосни одговори. Оттаму велат дека граѓаните треба да знаат за одлуките со кои стратешкото државно претпријатие е вовлечено во меѓународен спор со потенцијални повеќемилионски последици.
Според наводите во соопштението, МЕПСО го загубил спорот во предарбитражната постапка пред ДАБ во износ од околу 19,3 милиони евра против претходната компанија „Енергоинвест“, со што случајот сега преминува во арбитража, каде што државното претпријатие треба да ги брани своите позиции и побарувања по неповолниот исход во претходната фаза.
Покрај ова, од ДУИ реагираат и на новиот повеќемилионски договор што МЕПСО го склучил со конзорциум предводен од „Далековод“, а во кој учествуваат и компаниите „Кодар енергомонтажа“ од Белград и „Елнос БЛ“ од Бања Лука – за која во јавноста претходно беа изнесени обвинувања за поврзаност со кругови околу Милорад Додик.
Од ДУИ прашуваат зошто партијата Влен дозволува стратешки сегмент од македонскиот енергетски сектор да се поврзува со компании од Србија и Република Српска. Исто така, се бара одговор на прашањата кој ја донел одлуката за раскинување на претходниот договор, кој ги проценил правните и финансиските ризици и кој ќе сноси одговорност доколку државата претрпи дополнителна штета во арбитражата.
ДУИ јавно ги повикува Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да соопштат дали е отворен предмет и кои дејствија се преземени за истражување на договорите, одлуките и евентуалната одговорност за финансиската штета.
„Бурим Латифи може да избере да молчи, но 19,3 милиони евра противпобарувања отфрлени во предарбитражната фаза и нов повеќемилионски договор со конзорциум во кој учествуваат компании од Белград и Бања Лука не можат да поминат во тишина“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Од ДУИ бараат целосна транспарентност, институционална одговорност и конкретни одговори.
