Филипче нагласи дека постапката за набавка на модуларните болници била меѓународна и целосно водена од Светска банка според највисоки стандарди, со единствена цел спасување на животите на граѓаните во текот на пандемија

Одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за затворање на предметот за набавката на 19-те модуларни болници потврди дека немало прекршување на службената должност ниту штета врз буџетот, изјави претседателот на СДСМ и поранешен министер за здравство, Венко Филипче, во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Филипче рече дека трагедијата и болката на семејствата на загинатите во модуларната болница во Тетово со години биле злоупотребувани од Христијан Мицкоски за политичка кампања против него и побара да им се извини на семејствата.
„Многу ми е жал за луѓето што загинаа таму, за семејствата. Навистина сочувствувам, тоа го чувствувам и денес и веројатно тоа така ќе биде секогаш. Тогашната опозиција, сега моменталниот премиер Христијан Мицкоски, го искористи. Нему му требаше некој да го прикаже како убиец. Со неговиот главен пи-ар советник смислија таква кампања, да ме нарекуваат убиец, доктор Менгеле, доктор смрт и како не. И тоа траеше пет години“,
рече Филипче.
Филипче нагласи дека постапката за набавка на модуларните болници била меѓународна и целосно водена од Светска банка според највисоки стандарди, со единствена цел спасување на животите на граѓаните во текот на пандемија.
„Знаев како сум работел. Знам како сум работел. Чесно, без коруптивни практики, како во рамките на мојата работа на клиниката со пациентите, така и додека сум бил во Министерството, која и да функција сум ја извршувал. Едноставно, тоа е мојот пристап. И тоа е вистината. По сите меѓународни светски критериуми и стандарди со цел да се изменаџираат пациентите, бројката на пациенти коишто не постоеше друг начин како можеше да се хоспитализира, да не беа модуларните болници, луѓе ќе умираа по паркинзи. Тоа беше целта на поставувањето на тие објекти“,
рече Филипче.
Тој додаде дека по одлуката на Обвинителството целата политичка конструкција на ВМРО-ДПМНЕ паднала во вода и побара извинување, кон семејствата на загинатите.
„Тие се возеа на таа приказна која сега им падна во вода. Побарав да се извинат. Не на мене, затоа што знам дека од такви луѓе такво извинување никогаш нема да дојде. Ниту сакам. Барам да се извинат и Христијан Мицкоски и криминалната група на ВМРО-ДПМНЕ на семејствата затоа што ја злоупотребија емоцијата, жалот што го чувствуваа тогаш и сега сè уште, и на тоа сакаа и добиваа политички поени“,
рече претседателот на СДСМ.
Прашан дали го чувствува како закана она што го вели денеска премиерот дека секогаш може да се појават нови факти и докази кои ќе доведат до повторно отворање на случајот, Филипче рече дека тие се одраз на слабост и страв.
„Тоа не е првпат тој да се заканува. Се закануваше на собраниска говорница, на јавни настапи, прес-конференции. Каде и да оди. Зошто? Затоа што е слаб и уплашен. Затоа што знае какви коруптивни зделки тој сега прави и менаџира и затоа од тоа се плаши, а одговорноста ќе го стигне откога власта ќе ја вратиме во рацете на народот. Единствено на човек којшто нема резултати и којшто ништо не изменаџирал како што треба и нема резултат ниту во економијата, ниту во земјоделието, ниту во образованието и здравството, ниту во рамките на реформите, ниту во надворешната политика. Што му останува освен да се заканува“,
рече Филипче.
Филипче ги отфрли и шпекулациите за какви било политички договори околу затворањето на предметот и ги оцени како апсурдни.
„Има два апсурди. Првиот апсурд, ако тој предмет е почнат за времето на СДСМ, зашто требало да се чека ВМРО да го затвори и така да има некаков договор, па тој ќе се затворел ако нешто се влијаело во тој дел во времето на СДСМ. И вториот апсурд, јас сум професор по неврохирургија, имам мои пациенти, имам мои студенти со коишто комуницирам секојдневно. Зарем јас би влегол во некој таков договор и би дозволил пет години некој да ме нарекува убиец за некој после да ми помогне во нешто? Тоа е целосно апсурдна ситуација“,
одговори Филипче.
Лидерот на СДСМ беше прашан и околу тоа оти постојано го критикува Јавното обвинителство, а сега покажува оти верува во нивната одлука. Тој нагласи дека она што го бараат е објективност и непристрасност.
„Суштината е дека огромен број на луѓе во изминатиот период во правосудните органи немаат доверба. Зашто и како тоа еволуирало во текот на изминатите години и кулминира со тие рекордни мал процент на доверба кај судството и обвинителството е дел којшто заслужува посебна анализа, меѓутоа секако и посебен пристап којшто треба да се прави“,
кажа Филипче.
Вчера, обвинителката Верица Бержецка на брифинг со новинарите кажа дека не постои основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувања при јавните набавки.
Станува збор за набавки во мандат на владата на Зоран Заев, кога на чело на Министерството за здравство беше Венко Филипче. Модуларните болници ги градеше „Брако“ на Кочо Анѓушев.
Предметот беше отворен на 10 септември 2021 г., по допрен глас, откако се случи трагичниот настан во ковид-центарот во Тетово. Тогаш Обвинителството посочи дека ќе ја провери документацијата за набавката и изградбата на сите болници.
Ваквата одлука премиерот Христијан Мицкоски денеска ја оцени како скандалозна велејќи дека обвинителот којшто е во заминување одлучува до крај да ги испорача должничко-доверителските односи кон претходната влада.
