Според собраните средства и цената на билетите, највисоки приходи има на наплатната станица „Романовце“, по што следуваат „Миладиновци“, „Петровец“, „Глумово“, „Желино“, „Тетово“, „Стоби“, „Преод“, „Гостивар“, „Сопот“, „Гевгелија“, „Кадрифаково“, „Отовица“ и „Демир Капија“
Над 31 милион евра (или 1,9 милијарди денари) биле инкасирани во државната каса од почетокот на годината заклучно со јуни од наплата на патарина, што е за 21,8 милиони денари повеќе во споредба со истиот период во минатата 2025 година, информираат за МИА од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Според собраните средства и цената на билетите, највисоки приходи има на наплатната станица „Романовце“, по што следуваат „Миладиновци“, „Петровец“, „Глумово, „Желино“, „Тетово“, „Стоби“, „Преод“, „Гостивар“, „Сопот“, „Гевгелија“, „Кадрифаково“, „Отовица“ и „Демир Капија“.
Најфреквентна наплатна станица, според информацијата на ЈПДП, е „Тетово“, а по неа најмногу возила поминале преку станиците „Петровец“, „Романовце“, „Глумово“, Миладоновци“, „Желино“, „Гостивар“, „Стоби“, „Кадрифаково“, „Преод“, „Сопот“, „Демир Капија“, „Отовица“ и „Гевгелија“.
Од Јавното претпријатие за државни патишта се осврнуваат и на периодот кога има зголемен обем на сообраќај на наплатните станици, особено во летниот период кога, како што велат оттаму, Одделението за наплата на патарина прави акциски план, односно распоред, каде што на секоја наплатна станица на двата коридори се пуштаа во промет сите расположливи ленти.
„Секако подеднакво се дава и приоритет на електронска наплата на патарина (ЕНП) на MTag, каде најмалку една лента е секогаш во функција – тоа се возила кои поминуваат без да застанат, и на електронска наплата на патарина Mcard тоа се возила кои немаат контакт со вработен т.е. бесконтактно поминување“,
велат од Јавното претпријатие за државната новинска агенција.
Според ЈПДП, учеството на електронската наплата во вкупниот промет на наплата на патарина е 36 проценти од вкупно 11 наплатни станици каде што е воведена.
Оттаму посочуваат дека податоците за продажбата на електронски уреди и нивно надополнување, особено откако М-таг уредите се достапни и во продажните салони на операторите, покажува дека електронската наплата на патарини е зголемена за шест проценти од вкупната таква наплата.
Имено, од мај годинава М-таговите може да се купат и во продажната мрежа на телекомуникациските оператори „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“, а претходно беа достапни само во ЈПДП или на наплатната станица „Петровец“.
Раководството на ЈПДП при промоцијата на можноста за купување на М-таговите кај мобилните оператори инфорира дека се размислува за воведување на моделот на наплата на патарини како во Србија, односно затворен систем за наплата за поминати километри. За таа цел, веќе се работи на студија да се воведе ваков систем на наплата на Коридорот 8.
Инаку, од наплата на патарини минатата година, а заклучно со 23 декември, бил остварен промет од 4,1 милијарда денари, односно 67,6 милиони евра.
