Победи на АфД на покраинските избори во Германија и на партијата на Ле Пен и Бардела на претседателските избори во Франција, според Моцкоски, може да го променат курсот на овие две држави во однос на темата за прием на нови членки во ЕУ
Според премиерот, позицијата на земјата била „комплетно предавнички губитничка“ врз основа на тоа што го потпишала претходната влада, а сегашната се обидувала „педа по педа“ да го врати тоа што може да се врати. Како што додаде, претходниците ја оставиле земјата во однос на ова прашање во „загубена позиција 100:0“
Од покраинските избори во Германија наесен и од претседателските избори во Франција следната пролет ќе зависи дали апетитот за проширување на Европската Унија сè уште ќе биде присутен во најголемите економии на ЕУ или тие ќе го свртат својот фокус кон домашните предизвици. Ова вечерва го изјави премиерот Христијан Мицкоски во гостувањето на вестите на телевизија Сител.

Мицкоски одговараше на прашања во врска со обидите да се деблокира евроинтегративниот процес на Македонија. Прашан дали во последниов период се интензивираат разговорите и дали има поголема активност за да се дојде до некакво решение, премиерот рече дека интересот за проширување е поголем најмногу поради Украина, а опфатен е и целиот Балкан, но има многу предизвици во годините пред нас.
„Првите такви предизвици ќе се случат сега наесен, во најголемата економија во Европа, тоа е Германија, таму ќе има покраински избори, каде што гледаме еден висок рејтинг на Алтернатива за Германија, односно партијата АфД, којашто во една од покраините, Саксонија-Анхалт, може и самата да формира влада. Тоа може да претставува индикатор за реструктурирања и репозиционирања во германското општество и Германија како држава. И не сум сигурен дали тогаш апетитот за проширувањето сè уште ќе биде присутен или фокусот ќе биде кон домашните предизвици“,
одговори премиерот.
Тој додаде дека и за втората по големина економија во ЕУ, француската, не е сигурно дали ќе го држи фокусот на проширувањето до есен.
„Таму имаме вовед во кампања за следните претседателски избори коишто ќе се случуваат напролет, каде што гледаме дека Ле Пен, Бардела и другите имаат сериозни шанси да влезат како победници. Нивната политика во делот на проширувањето на ЕУ ја знаете. А од друга страна, знаете кој е условот во францускиот парламент – три петтини или референдум за прифаќање на нови земји членки во ЕУ“,
рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека Владата разговара за да најде решение за придвижување на евроинтеграцискиот процес и дека тоа не е никаква тајна. За овие теми, додаде, разговарал и во Тиват со претседателот на Франција Емануел Макрон и со германскиот канцелар Фридрих Мерц.
„Не е нелогично Владата да разговара. Прашањето е што разговарате и која е вашата црвена линија до која вие одите во тие разговори. Тоа е нашата задача и пред граѓаните кои ни ја дале довербата, но и како влада, да разговараме и тука нема никаква тајна и ќе продолжиме да разговараме. Ако некој тие разговори ги смета дека еве сега ние треба да седнеме на маса, па тука официјално да почнеме преговори или разговори, тоа така не функционира, иако и ние би сакале и такви разговори да имаме доколку се создаде можност. Така што ние сме разговарале, разговараме и ќе продолжиме да разговараме. Друго е прашањето дали во тие разговори ќе успееме да постигнеме решение, имајќи предвид која е нашата позиција“,
рече Мицкоски.
Според него, позицијата на земјата била „комплетно предавнички губитничка“ врз основа на тоа што го потпишала претходната влада, а сегашната се обидувала „педа по педа“ да го врати тоа што може да се врати. Како што додаде, претходниците ја оставиле земјата во однос на ова прашање во „загубена позиција 100:0“.
На прашањето дали може да се зборува за проширување во ист воз со соседите Албанија и Црна Гора, Мицкоски одговори со свој коментар за поранешните најави дека треба да се искористи моментот или отворениот прозорец.
„Се сеќавам на таа 2018 година кога насила се туркаше промената на уставното име и многумина од европските дипломати – тогаш ние бевме политичка партија во опозиција – нè убедуваа дека прозорецот е отворен, дека сега е моментот, дека ние сме фронтранери во регионот и дека ако го прифатиме и свариме овој залог, дека веднаш стануваме земја членка на НАТО и бидејќи сме ние тие што сме фронтранери, на брза лента ќе бидеме ставени, во рамките на четири-пет години ќе ги завршиме преговорите и ќе станеме земја членка на ЕУ. Тие четири-пет години поминаа пред две-три години. Ние се наоѓаме на истото место каде што бевме пред 21 година, односно со статус кандидат“,
рече Мицкоски.
Затоа, според него, Владата треба да биде внимателна и да не дозволува импровизации и брзоплети одлуки. Како што додаде, на овие предизвици треба да се одговори со засилена испорака на реформи.
„Тоа го постигнавме со декемврискиот извештај од претходната година, да бидеме најголеми корисници на средства што доаѓаат од Реформската агенда. Тоа ќе го постигнеме сега со јунскиот извештај, повторно ќе бидеме најдобри и ако биде како што се најавите, ние ќе бидеме корисници на нов додаток, односно ќе имаме проширување на таа рамка. Ако досега имаме вкупен буџет – кредит, грант и буџетска поддршка од 750 милиони евра – тој додаток, значи зголемување на таа рамка, бидејќи три држави не испорачуваат доволно, не напредуваат во овој процес, а тоа се Србија, Косово и БиХ, логично е тие средства коишто таму ќе останат неискористени да бидат доделени на овие земји“,
рече премиерот.
И министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на почетокот на овој месец рече дека има разговори „под радарот“ за деблокада на ЕУ-интеграциите на земјата.
Муцунски рече дека кај актуелната влада нема подготвеност за попуштање за прашања поврзани со идентитет, историја, јазик и култура и дека не смее да се споделуваат детали од разговорите ако се сака тие да успеат.
