„Календарот не е доказ за резултат. Календарот е алиби. Ѓорѓиевски вели дека јавното здравје не се штити со прес-конференции. Точно. Не се штити ни со список датуми додека комарците си го завршуваат своето“, велат од партијата

Ако имало седум третмани против ларви и прскање од воздух и од земја, а епидемијата е во главниот град, тогаш или мерките биле доцна, или биле слаби, или жариштата биле промашени, а можеби и премолчени. Вака Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) му одговори на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски откако тој претходно возврати на нивните обвинувања дека прскањето против комарци било задоцнето.
„Орце Ѓорѓиевски чита календар за прскање, а Скопје брои четири починати. Орце Ѓорѓиевски нема одговор за епидемијата, па го напаѓа СДСМ. Не ја прогласивме ние епидемијата во скопските општини. Не ги однесовме граѓаните ние на Инфективна. Тоа се случи во градот што тој го води“,
се вели во попладневното соопштение од СДСМ.
Од партијата потсетуваат дека заклучно со вчерашниот ден во земјата има 38 заболени од вирусот западен нил и четири починати лица. Најзагрозени се постарите и хронично болните од која група се и четирите жртви.
Според СДСМ, скопјани не ги спасува споредбата со 2018 година, туку ги штити „систем што работи, не градоначалник што бара опозицијата да молчи“.
Најголемиот број заболени се од Скопскиот Регион, велат од СДСМ и прашуваат зошто Скопје е епицентар ако прскањето од 7 мај било толку успешно.
„Календарот не е доказ за резултат. Календарот е алиби. Ѓорѓиевски вели дека јавното здравје не се штити со прес-конференции. Точно. Не се штити ни со список датуми додека комарците си го завршуваат своето“,
велат од СДСМ.
На обвинувањата од Ѓорѓиевски дека опозицијата се обидува една сериозна здравствена тема да ја претвори во дневнополитичка пресметка, од СДСМ му одговорија дека нема да молчат за јавното здравје и оти бараат одговор, а не сензација.
„Политизирање е ова: да се отвораат базени за камери, потоа да се празнат поради комарци; да се читаат датуми, а да не се каже зошто стоечката вода и нетретираните точки останале; да се напаѓа СДСМ за да не се одговара пред семејствата“,
сметаат од СДСМ.
Оттаму бараат одговори за тоа кој ја мери ефикасноста на прскањето и кои жаришта се останати, но и за тоа зошто граѓаните доцна добиле јасни инструкции и зошто хронично болните и старите лица биле оставени на противречни пораки.
„Ѓорѓиевски нека одговори зошто во градот кој го води вирусот најде простор, кога е сè како што тврди?!“,
порачуваат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски како одговор на критиките за динамиката на прскањето, во реакцијата објавена на Фејсбук направи споредба меѓу актуелните активности и оние од 2018 година, кога со Градот раководел СДСМ.
Тој ги наведува сите досегашни авионски и теренски дезинсекции против ларви и возрасни комарци спроведени од мај до август, а најавува и нови третмани што ќе бидат реализирани наредните денови.
