Градоначалникот затаи кога најмногу требаше да делува. Го немаше кога требаше навремено да се прска, пред вирусот да се прошири и пред граѓаните да почнат да заболуваат, велат од СДСМ
Во Скопје ескалира кризата со западнонилска треска и состојбата е алармантна, велат од Социјалдемократскиот сојуз и бараат одговорност од локалната власт.
Обвинуваат дека скопјани повторно се жртви на, како што велат оттаму, „неспособноста на човекот кој го избраа да биде нивниот заштитник“ – градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Наместо навремена превенција, навремена анализа и системска контрола на жариштата со комарците – градоначалникот и овој пат задоцни. Дури сега се сети дека треба да прска против комарци. Скопје е под опасада од заразни комарци – поради задоцнетите реакции на првиот човек на Градот. Среде лето, граѓаните во грч излегуваат надвор, стравувајќи дека може да бидат заразени. Градоначалникот затаи кога најмногу требаше да делува. Го немаше кога требаше навремено да се прска, пред вирусот да се прошири и пред граѓаните да почнат да заболуваат“,
кажа на денешната прес-конференција Александар Давчевски, претседател на Градска организација.
Тој праша што работел градоначалникот досега.
„Да не случајно го исчисти Скопје од ѓубре? Да не случајно ги обезбеди ветените автобуси за скопјани? Да не случано го среди Градски парк после невремето од пред еден месец? Не, ништо од ова не е средено. Се занимаваше со билбордот со коњ со пет нозе, и со дрон го следеше загадувањето на реките во Скопје. Кој ја плаќа цената? Цената ја плаќаат скопјани со сопственото здравје и животи… Орце Ѓорѓиевски не ги заштити скопјани од комарците! А, требаше и мораше. За тоа треба и мора да се одговара, кога би имало институции кои постапуваат по закон“,
рече тој.
Инаку, според последните статистики на Институтот за јавно здравје, заклучно со 18 август во земјава се регистрирани 36 потврдени случаи и уште два веројатни. Досега има четворица починати.
Од заболените, вкупно 37 се во Скопскиот Регион, а еден од Велес.
Надлежните посочија дека во тек е СМС-кампања за информирање на населението, која вклучува вкупно 38 500 пораки што треба да бидат испратени до граѓаните во засегнатите општини.
