Како можен таргет на Иран се споменува и Бугарија, која минатиот месец им одобри пристап на САД до својата воздухопловна база Безмер за полнење гориво на авионите
Иран размислува да изврши напади врз американски воени цели во Европа доколку Доналд Трамп го ескалира конфликтот – објави британскиот весник „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори блиски до иранската влада.

Помеѓу потенцијалните цели, според наводите, е и британската воздухопловна база на Кипар, која беше погодена од дрон во март годинава. Како можна цел се споменува и Бугарија, која минатиот месец им одобри пристап на САД до својата воздухопловна база Безмер за полнење гориво на американските авиони.
Иранските сили наводно разгледуваат и напади на подводните оптички кабли во Ормускиот Теснец, доколку конфликтот се интензивира. Оштетувањето на каблите би можело да влијае на критичната комуникациска инфраструктура што минува низ еден од стратегиски најважните водни патишта во светот.
Изворите на кои се повикува „Фајненшл тајмс“ велат дека Техеран разгледува опции за ескалација на конфликтот доколку американскиот претседател ги исполни претходните закани за напад врз иранската инфраструктура како одговор на нападите врз бродовите во Ормускиот Теснец, како и дека Иран би можел да ја прошири својата одмазда надвор од Блискиот Исток доколку се соочи со нова голема офанзива на САД.
Иранските власти досега официјално ги немаат потврдено ваквите наводи.
„Фајненшл тајмс“ во својот извештај цитира и воени аналитичари, кои сметаат Иран би можел да ги таргетира американските објекти во Јужна и Југоисточна Европа со балистички ракети со среден дострел, но се сомневаат во нивната ефикасност и точност на подолги растојанија, како и во залихите на ракети со поголем дострел на Техеран.
