„Ова не е технички инцидент, туку начин на управување. Пациентите со малигни заболувања не се ставка што се решава кога ќе се сети министерот. Тие имаат право на дијагностика во јавното здравство, навреме, без да продаваат имот за приватен преглед“, се вели во реакцијата од опозициската партија
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) остро реагира на синоќешното објасување на министерот за здравство Сашо Клековски за нефункционирањето на ПЕТ-скенот, кој е вон употреба повеќе од еден месец.

Имено, како што наведе министерот во гостувањето во Дневникот на телевизијата Сител, ПЕТ-скенот, кој се користи при дијагностика на онколошки пациенти, не е расипан, туку проблемот е во циклотронот – машината која го произведува неопходното средство за вршење на овие прегледи. Според него, дефектот е последица на неисправно одржување од страна на добавувачот и специфичен проблем со масло кое се наоѓа под рестриктивен режим. Клековски објасни дека потребните суровини ги има во две земји од каде што може да се набават – САД и Белгија, но дека за тоа се потребни извозни дозволи.
Во реакцијата од Социјалдемократскиот сојуз, пак, се вели дека ваквите наводи на министерот за здравство не се објаснување, туку признание за аматерскиот пристап кон единствената дијагностика од овој тип во јавното здравство во државата.
„Онколошките пациенти повторно чекаат, повторно се праќаат на приватно, повторно плаќаат илјадници евра за дијагностика без која не може да се води терапија. Министерот Клековски објаснува дека скенерот ‘не е расипан’, туку дека за време на редовен сервис откриле проблем со циклотронот, дека нема суровини, дека маслото е во рестриктивен режим, дека треба дозволи од Белгија и Америка, дека Муцунски лично се јавувал во Брисел. Ова не е објаснување, туку признание за аматерски пристап. Циклотронот и ПЕТ-скенерот се еден систем. Без радиофармацевтик скенерот е мртва машина“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Оттаму, во тој контекст, додаваат дека тоа што проблемот се открил додека апаратот бил на сервис, значи дека нема постојано следење на состојбите, дека нема залиха на критични материјали, односно дека нема план Б.
„Кога станува збор за нуклеарна медицина и за пациенти со рак, таквото ‘ќе видиме кога ќе дојде сервисерот’ е неодговорност. Пациентите не можат да чекаат извозни дозволи. Полуживотот на материјалот е краток. Тоа го знае секој што се занимавал сериозно со оваа област. Во исто време Владата сече ленти на базени. Премиерот ги отвора. Потоа министерот за здравство ги повикува граѓаните да ги испразнат базените и коритата поради западнонилската треска. Слика на целосен циркус: пари и камери за објекти кои потоа се празнат, а за единствениот ПЕТ-систем во земјата нема ни основна залиха и превентива“,
велат од „Бихаќка“.

Според социјалдемократите договорот за одржување на ПЕТ-скенот не е формалност и тој мора да опфаќа и циклотрон и скенер, со задолжителна залиха на критични потрошни материјали, додека алтернативното снабдување со радиофармацевтик од соседните земји се активира веднаш, а не по еден месец застој.
„Трето, јавноста и пациентите добиваат точен датум и број на чекање, а не изјави дека ‘многу скоро ќе објавиме кога ќе почнеме’. Сериозна влада планира, а не се фали со бројки од минатата година додека оваа година системот стои. Ова не е технички инцидент туку начин на управување. Пациентите со малигни заболувања не се ставка што се решава кога ќе се сети министерот. Тие имаат право на дијагностика во јавното здравство, навреме, без да продаваат имот за приватен преглед“,
се вели во реакцијата од СДСМ.
Оттаму наведуваат дека одговорноста за застојот во работата на ПЕТ-скенот не е кај сервисерот, туку кај „оние кои две години управуваат со системот и за проблемот дознаваат дури кога машината веќе не работи“.
