„Со членството во НАТО, одговорот на тешките безбедносни и одбранбени прашања не го бараме сами, туку заедно со сојузниците, како наш стратешки избор и темел на колективната безбедност, преземајќи дел од колективната одговорност, но и од одговорноста на секој за секого во Алијансата“, рече, меѓу другото, претседателката на државата во своето обраќање на свеченоста во Охрид
Со централна свеченост во Охрид денеска беше одбележан Денот на Армијата – 18 август, а во пораките кои беа упатени од неа доминираа оние за новите безбедносни предизвици, хибридните и киберзаканите, како и потребата од современо вооружување и опрема, и придонесот на земјава во НАТО.

На овие предизвици во своето обраќање се осврна и претседателката на државата и врховна командантка на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, која рече дека современата одбрана не треба да се сведува само на одговор на веќе настанатите закани, туку мора да се заснова на нивно предвидување, подготовка на соодветни капацитети и градење отпорност на државата.
„Границите меѓу конвенционалните и хибридните закани се нејасни. Беспилотните системи, киберпросторот и вештачката интелигенција веќе непосредно влијаат врз начинот на кој се планира, изведува и поддржува современото војување“,
рече претседателката на државата.
Во услови на непредвидлива динамика на современиот безбедносен амбиент, рече таа пред присутните, потребно е да се градат способности што ќе ја зачуваат функционалноста на државата и во најнеизвесни услови.
„Не треба да ја романтизираме војната, туку треба да ја избегнуваме и да ја превенираме оти највисокиот успех на одбраната е да создаде услови за таа да не се случи“,
порача претседателката на државата.
Говорејќи за развојот на Армијата, Сиљановска-Давкова потсети на нејзините почетоци во 1943 година, со формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ како прва регуларна воена единица на Народноослободителната војска на Македонија. Таа посочи дека континуитетот продолжил и по осамостојувањето на државата кога припадниците на тогашната Југословенска народна армија (ЈНА) од Македонија го напуштиле југословенскиот армиски систем и биле создадени услови за формирање сопствена армија.
Таа кажа оти со сигурност може да тврди дека македонската Армија не е почетничка, туку високоорганизирана воена формација со професионален интегритет, оперативна кредибилност, висока интероперабилност со сојузничките сили, војничка дисциплина и стаменост.
Како особено значаен го истакна придонесот на Армијата во рамките на НАТО и учеството во меѓународни мировни мисии. Во моментов, како што посочи, 183 припадници на Армијата се дел од такви мисии и операции.
„Со членството во НАТО, одговорот на тешките безбедносни и одбранбени прашања не го бараме сами, туку заедно со сојузниците, како наш стратешки избор и темел на колективната безбедност, преземајќи дел од колективната одговорност, но и од одговорноста на секој за секого во Алијансата“,
рече претседателката Сиљановска-Давкова.

Таа, исто така, посочи дека јакнењето на сопствените одбранбени капацитети е клучно за позицијата на државата во Алијансата.
„Колку е посигурна нашата сопствена одбранбена поставеност, толку е посуштествен нашиот придонес кон заедничката сигурност“,
рече таа.
Претседателката на државата ја истакна и високата доверба што Армијата ја ужива кај граѓаните, особено во кризни ситуации кога нејзините припадници помагаат при пожари, поплави и други непогоди.
Во обраќањето особено внимание посвети и на улогата на жените во Армијата, нагласувајќи дека годинава трите најдобро рангирани питомци на Воената академија се жени. Таа повторно ја актуализира и идејата за формирање регионален центар за извонредност на жените во одбраната и безбедноста.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски во своето обраќање, меѓу другото, се осврна на модернизацијата на Армијата, наведувајќи дека таа се реализира во согласност со планираното, со набавка на современо и софистицирано вооружување, опрема и системи, како и со инвестиции во инфраструктурата и подобрување на условите за работа на припадниците на вооружените сили на државата.
Во таа насока, тој посочи дека во тек е набавка на разни видови опрема – артилериски системи, средства за противвоздушна одбрана, беспилотни системи, системи за противоклопна борба, опрема за киберзаштита, опрема за воздухопловна поддршка и комуникациски системи.
Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, исто така се осврна на делот на модернизацијата, наведувајќи дека во последните десет години како никогаш досега се вложува во овој сегмент, како и во обуката и опремувањето на припадниците на Армијата.

„Армијата денес се наоѓа во најинтензивниот процес на модернизација… Тоа не е само резултат на набавката на современа опрема, туку и на континуираните вложувања во обуката, примената на стандардите и, пред сè, во човечкиот потенцијал…Таа продолжува да биде најважниот столб на националната отпорност, само подготвена армија е вистинска гаранција за суверенитетот, територијалниот интегритет и мирот во државата“,
кажа тој.
На централната свеченост за одбележување 34 години од формирањето на АРМ во Охрид беа доделени одликувања и признанија на армиски единици, институции и припадници на Армијата за нивниот придонес во развојот и модернизацијата на вооружените сили на државата.
