Судија за извршување санкции при скопска единица, кој е надлежен да постапува по предметот „Труст“, го одбил барањето на Сеад Кочан за одложување на издржувањето на казна затвор поради здравствени причини.
„По добивање на целокупната медицинска документација неопходна за одлучување по барањето за одлагање на извршувањето на затворската казна на еден од обвинетите во конкретниот предмет, како и разгледување и ценење на истата, на 19.07.2019 година донесе решение со кое барањето се одбива како неосновано“,
се вели во соопштението од Основниот суд Скопје 1.
Одлуката сепак не значи дека Кочан веднаш ќе биде упатен да ја извршува казната затвор. Тој има право на жалба до Кривичен совет. Ако Кривичниот совет го потврди првостепеното решение, Сеад Кочан е должен веднаш да се јави на издржување на затворската казна.

Сеад Кочан првично беше осуден на 6 години затвор за случајот „Труст“ на СЈО. Три години затвор доби и вториот обвинет во случајот Василије Авировиќ, инаку син на пратеничката од Социјалистичката партија, Владанка Авировиќ. Обвинетите се товареа дека добиле јавна набавка во РЕК Битола во вредност од 17,3 милиони евра при што се служеле со невистините податоци и документи за да победат на тендерот. Подоцна, Апелација им ги ублажи казните на обвинетите. Авировиќ доби условна казна затвор од две години, ако во рок од пет години не го повтори делото. На Кочан му беше намалена затворската казна на 4 години и 8 месеци. Веќе требаше да ја извршува својата казна затвор, но поради жалбите за нејзино одложување се уште е на слобода.