Дронови погодија магацин на руската компанија за е-трговија „Вајлдберис“ и други објекти во близина на Москва
Русија собори 180 дронови во Московскиот регион преку ноќ, соопшти градоначалникот на главниот град, Сергеј Собјанин, на „Телеграм“ рано утринава, во еден од најголемите украински воздушни напади врз рускиот главен град.
Дронови погодија магацин на руската компанија за е-трговија „Вајлдберис“ и други објекти во близина на Москва, изјави регионалниот гувернер Андреј Воробјов, додавајќи дека најмалку три лица, вклучувајќи едно 10-годишно девојче, се повредени во регионот.
Компанијата „Вајлдберис“, која е честа цел на нападите на Киев по целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година, соопшти дека магацинот претрпел помала штета откако остатоци од дронови погодиле еден од неговите ѕидови.
Според Собјанин, синоќа вкупно 620 дронови се насочиле кон регионот околу руската престолнина, а Москва привремено ги ограничува летовите на своите аеродроми.
