Поради непристапноста на теренот, била побарана и воздушна поддршка за транспорт на повредениот, но во меѓувреме екипите на ДЗС Битола успеале да стигнат до повреденото лице и со теренско возило го започнале неговиот транспорт
Во спасувачка акција денеска е извлечено лице од непристапен терен над Мало Езеро на Пелистер. Пријавата за случајот била примена напладне преку единствениот број за итни повици 112.

Лицето имало скршеници на двете потколеници и било во свесна состојба. При движење крварело.
По приемот на пријавата, Регионалниот центар за управување со кризи Битола ги информирал сите надлежни служби – Итната медицинска помош. СВР Битола, Дирекцијата за заштита и спасување Битола, битолската противпожарна бригада, како и Националиот парк „Пелистер“.
„Екипа на Дирекцијата за заштита и спасување Битола веднаш се упатила кон повреденото лице, додека Националниот парк ‘Пелистер’ ја активира ренџерската служба. Поради непристапноста на теренот, беше побарана и воздушна поддршка за транспорт на повредениот“,
соопштија попладнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во меѓувреме, тимот на ДЗС Битола успеал да стигне до повреденото лице и со теренско возило започнал негов транспорт. Околу 13:45 часот, екипите на ДЗС Битола и Националниот парк „Пелистер“ се пресретнале кај м.в. Ловечка Куќа, каде што лекар од Итната медицинска помош Битола му укажал медицинска помош на повредениот.
