Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, синоќа добил телефонски повик од жителка, која вознемирено го информирала дека огнот се приближува кон нејзината куќа која се наоѓа во последниот ред на ридот над Зелениково
За пожарот синоќа дознал и градоначалникот на Општина Зелениково, Коста Маневски, кој веднаш го стартувал општинското противпожарно возио и дошол непосредно до куќите каде што беснеел пожарот. На местото пристигнале и припадници на доброволното противпожарно друштво од Зелениково, по што започнало гасењето на пожарот
Паника и страв ноќеска ги обземале жителите на скопско Зелениково, кога околу 2 часот по полноќ избил пожар на отворен простор веднаш зад последните куќи во населеното место. За случајот денеска информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, кој синоќа добил телефонски повик од жителка на Зелениково, која вознемирено го информирала за пожарот.

„Околу 2 часот по полноќ на телефон ми се јави женско лице со силно вознемирен глас. Најпрво ми се претстави, а потоа во паника, со викање, ме извести дека пожарот се приближува кон нејзината куќа која се наоѓа во последниот ред, на ридот над Зелениково, поради што панично бараше помош. Според паниката во нејзиниот глас претпоставив дека пријавата е вистинита, а состојбата алармантна“,
изјави денеска директорот на ДЗС.
Во тој момент за пожарот веќе била известена скопската противпожарна бригада, која кон посочената локација итно испратила возило од станицата во Драчево.
За пожарот дознал и градоначалникот на Општина Зелениково, Коста Маневски, кој во меѓувреме го стартувал општинското противпожарно возило кое Општината го набавила пред извесно време и со него дошол непосредно до куќите каде што беснеел пожарот. Истовремено со него до местото пристигнале и припадници на доброволното противпожарно друштво од Зелениково, по што започнало гасењето на пожарот.
„Олеснителна околност била претходната реакција на самите жители од последните куќи, кои направиле делумна заштита на неколку места прскајки со вода и сечејки критични грмушки и дрвја. Сите заедно успеале да ја сопрат огнената стихија пред да стигне до првите куќи“,
додава Ангелов.
Посебна благодарност Ангелов изразува до доброволните пожарникари од Зелениково, со кои се договорил да се вклучат во тимовите за брз одговор на ДЗС.
