Покрај ракетно-вселенскиот центар, во украинските напади погоден е и воениот аеродром Саваслејка во регионот Нижни Новгород, дом на руски авиони што се користат во ракетните напади врз Украина, како и нафтен објект во регионот Ленинград
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска објави дека Украина го погодила ракетно-вселенскиот центар „Прогрес“ во рускиот регион Самара. Нападот е извршен со крстосувачки ракети „Фламинго“ од домашно производство. Објектот, кој е дел од руската вселенска агенција Роскосмос, произведува лансирни летала „Сојуз“.

„Денес имаме нови значајни резултати од нашите напади со долг дострел“,
рече Зеленски, оценувајќи го нападот за добро достигнување.
Покрај ракетно-вселенскиот центар, погоден е и воениот аеродром Саваслејка во регионот Нижни Новгород, дом на руски авиони што се користат во ракетните напади врз Украина, како и нафтен објект во регионот Ленинград.
„Благодарен сум на сите вклучени единици за нивната точност. Нашиот план за напади со долг дострел против Русија како одговор на оваа војна се спроведува и важно е воениот потенцијал на Русија да продолжи да опаѓа“,
порача украинскиот претседател.
Украина ги интензивираше нападите со долг дострел врз воената и енергетската инфраструктура во Русија во последните месеци – потег што Зеленски ги опиша како долгорочни санкции на Киев против Москва, насочени кон принудување на Кремљ на преговори.
