Лидерот на СДСМ Зоран Заев на претстојните избори очекува победа и не исклучува ниту една партија за коалицирање. Вели дека е во постојана комуникација за можна постизборна коалиција се со Алијанса на Албанците и Алтернатива, а за опцијата со ДУИ вели дека треба да го тргнат условот кој им е водечки во кампањата за премиер Албанец.
„Еве теоретски, ако народот одлучи да ни даде таква одговорност ние ќе влеземе во коалиција, во разговори, сите опции се отворени, дури и ДУИ ако го тргне ваквиот услов, ние немаме проблем да разговараме. Алијанса и Алтернатива и тоа како се дел од нашата комуникација. Заедно ги гласавме дел од реформите,уставните промени, Законот за ЈО и верувам дека имаме најмалку минимум соработка за да може да градиме заедничка платформа, владина програма за во иднина за да успееме како коалиција, а секако и постојат и опции помеѓу другите пратеници коишто ќе бидат избрани во Собранието. Не се грижам, немам некоја мачнина, како тоа ќе се направи влада и парламентарно мнозинство. Тоа ќе го направиме. Сигурно важно е владината програма да биде комплетно идентична со нашата програма, секако и од партнерите да прифатиме тоа што е прифатливо и тие нашето за да можеме да ја изградиме владината коалиција дури и во услови ако имаме сами како коалиција сегашна можеме парламентарно мнозинство од 61“,
вели Заев во интервју за МИА.
Изборната парола на ДУИ за прв премиер Алабанец, Заев ја оценува како комплетно популистичка политичка стратегија и националистичка порака, која била присутна во времето на Груевски и Ахмети.
„Би ја нарекол комплетно популистичка политичка стратегија, националпопулистичка заради тоа што пораката е националистичка, нешто што беше присутно во времето на Груевски и Али Ахмети. Тоа време е минато. Јас сум Зоран Заев и мојот СДСМ е основач на концептот едно општество за сите. Ние сме покажале дека немаме никаква предрасуда за етничката припадност на кој било човек, за која било функција во државата и око не ми трепнува само да е добар, квалитетен, експерт, професионален, да може да ја завршува работата и тоа важи и за премиер, претседател на државата, претседател на парламентот, министер, градоначалник или кој било. Впрочем многу од тие функции ги имаме и сега Албанци од СДСМ и тоа се поприлично добри кадри. Во едни такви околности уцената не смееме да ја пуштиме да живее заради тоа што народот мисли како и да гласаме еве на крајот едни со други ќе се уценат и тоа така ќе биде. Не е така. Граѓаните се тие коишто одлучуваат кој ќе биде пратеник во Парламентот, кој ќе биде министер, кој ќе биде премиер, кој ќе биде претседател на државата итн. И тоа не смееме повеќе да го дозволиме, значи да имаме националистички поделби во нашата земја. Затоа рековме здраво е ДУИ после 17 години, навистина тоа е долг период да се биде власт да премине во опозиција, здраво е за нив за да може да дојдат едни нови сили коишто со забрзано темпо ќе ги направат до крајот реформите во државата“,
вели Заев за МИА.