Од Јавното комунално претпријатие „Бошава“ соопштија дека забраната се воведува поради тоа што анализите на примероците на водата земени од истото мерно место во понеделникот и во вторникот дале различни резултати
Водата од градскиот водовод во Демир Капија се забранува за пиење и за подготвување храна – објавија попладнево од Јавното комунално претпријатие „Бошава“.

Од претпријатието соопштија дека забраната се воведува поради тоа што анализите на примероците на водата земени од истото мерно место во понеделникот и во вторникот дале различни резултати.
„Анализата на примерокот земен во понеделник од страна на Институтот за јавно здравје – Скопје покажува дека водата не ги исполнува условите пропишани со правилникот за вода за пиење. Од друга страна, анализата на примерокот земен во вторник од страна на Центарот за јавно здравје – Велес покажува дека водата ги исполнува условите согласно правилникот за вода за пиење“,
соопштија од Јавното комунално претпријатие „Бошава“.
Поради различните резултати, в понеделник ќе биде извршена суперанализа, а до добивањето на резултатите водата останува забранета за пиење и за подготвување храна.
