Во големиот пожар што синоќа ги зафати подрачјата околу Омиш, а потоа се прошири и кон самиот град, повредени се најмалку 40 лица, од кои 14 се хоспитализирани. Осум лица се во тешка состојба и се борат за живот
Безживотно тело денеска е пронајдено на подрачјето кое синоќа беше зафатено од голем пожар во околината на приморскиот град Омиш во Хрватска. Телото е пронајдено попладнево околу 13:30 часот од страна на припадници на хрватската полиција, кои вршеле увид во изгорената површина.

Засега не се објавени информации за идентитетот на починатото лице или причините за смртта.
Во големиот пожар што синоќа ги зафати подрачјата околу Омиш, а потоа се прошири и кон самиот град, повредени се 40 лица, од кои 14 се хоспитализирани. Осум лица се во тешка состојба и се борат за живот. Од Клиничкиот болнички центар Сплит информираат дека четири пациенти се префрлени на лекување во Загреб.
Во тек е и потрага по 34-годишен државјанин на БиХ, кој исчезнал додека синоќа бегал од пожарот.
Поради пожарот, речиси 2 400 лица се евакуирани и згрижени. Црвениот крст на Хрватска учествува во обезбедување на сместување, храна, вода, хигиенски средства и психосоцијална поддршка за евакуираните.
Состојбата со пожарот во моментов е подобрена, а обемот на вкупната штета допрва ќе се утврдува.
