Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вечерва во Кичево го претстави кандидатот за прв премиер Албанец, Насер Зибери, и порача дека тој ќе работи во интерес на сите што живеат во оваа држава.

„Оваа земја имала нобеловци Албанци, како што се Мајка Тереза и Ферид Мурати. Со нив нашата земја се гордее, како што ќе се гордее и со премиерот Албанец, бидејќи тој ќе работи во интерес на сите кои живеат во оваа држава. Имаше противење и во времето на изборот на Дехари за градоначалник на Кичево, но денес сите увидоа дека во Кичево се живее сложно, без разлика на етникумот кому му припаѓаат. Затоа и оваа наша најнова идеја ќе биде во интерес на еднаквоста. Се разбира, ние ќе продолжиме и во други сфери да работиме во интерес на сите граѓани“,
рече Ахмети во Кичево.
На партискиот собир меѓу кичевчани присуствуваа и носителот на листата во Изборната единица 5, Талат Џафери, како и градоначалникот на општина Кичево, Фатмир Дехари, кој е претседател на локалниот изборен штаб на ДУИ.
Кандидатот за премиер Насер Зибери, пак, рече дека оваа идеја произлегла за да ги победи антагонизмите помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако имаме намера да бидеме европска земја, тогаш заедно рамноправно ќе се бориме за правда и рамноправност. Во една химна која нè исклучува, можеме ли да бидеме рамноправни, па оттука големата идеја на Али Ахмети да ги надминеме и последните бариери за рамноправност. Оваа идеја е во интерес на граѓаните, па затоа ќе победиме и ќе ја реализираме“,
рече Зибери.