Лидерите на двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, во нивните вечерашни настапи на партиските настани, зборуваа за победа што ја очекуваат на претстојните парламентарни избори на 15 јули.
Заев излезе со уверување дека неговата коалиција може да победи со разлика и до 120 000.
„Како што им ветив и пред една година на ВМРО-ДПМНЕ, ќе ги победиме со разлика од 50 000 до 120 000 гласови разлика на ниво на цела држава. Нашата понуда и во изборната единица 3 и низ целата држава е понуда на чесни, одговорни личности. Покажавме дека можеме повеќе, можеме подобро, покажавме дека правиот пат нема алтернатива, тие се трите работи кои ќе донесат победа во изборна единица три и во сите други изборни единици“,
рече Заев на трибина во Крива Паланка.
И Христијан Мицкоски вечерва беше дел од партиски настани во третата изборна единица, но во општините Петровец и Илинден. Во настапот во Илинден тој излезе со уверување дека народот е решен на 15 јули да ја донесе „историски најголемата победа“ на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова.
Со конкретни бројки, преточени во пратенички мандати, исходот го прогнозираше носителот на листата во „тројката“, Игор Јанушев.
„На 15 јули рано од сабајле на демократски начин да излеземе и да кажеме доста е на сите штетни политики, доста е за сите политичари кои ја урнисуваа државата, да ги пратиме на темната страна на историјата. На 15 јули гласајте за број 14 за 14 пратенички места во изборната единица три“,
рече Јанушев.