Началникот на противпожарната служба Славко Туцаковиќ во изјава за хрватски „Индекс“ вели дека повеќе нема отворен оган во областите Локва Рогозница и Омиш и дека пожарникарите сега интервенираат да го доизгаснат пожарот

Вкупно 36 лица добиле медицинска помош во Клиничкиот центар во Сплит поради повреди здобиени во синоќешниот пожар близу Омиш. Четиринаесет пациенти биле хоспитализирани, додека другите се пуштени на домашно лекување.
Седум пациенти се наоѓаат на интензивна нега и нивниот живот е во опасност. Уште тројца пациенти се сместени на интензивна нега, додека другите се хоспитализирани на болничките одделенија.
Повеќето од пациентите имаат изгореници, додека другите побарале медицинска помош најчесто поради респираторни проблеми предизвикани од изложеност на чад, пренесуваат хрватските медиуми.
Клиничката болница во Сплит ангажирала сите расположливи тимови за да обезбеди навремено лекување на повредените, а поради зголемениот прилив на пациенти, дополнително биле повикани вработени кои се на одмор.
Началникот на противпожарната служба Славко Туцаковиќ во изјава за хрватски „Индекс“ вели дека повеќе нема отворен оган во областите Локва Рогозница и Омиш и дека околу 200 луѓе биле евакуирани во текот на ноќта.
Тој вели дека пожарникарите сега интервенираат да го доизгаснат пожарот, а многубројни противпожарни бригади од други делови на Хрватска пристигнуваат во Сплит кои ќе ги заменат пожарникарите што во текот на ноќта биле вклучени во гаснење на пожарот. Од утрово и четири авиони „канадери“ се вклучени во гаснење на пожарот.
На местото на пожарот, додава Туцаковиќ, се ангажирани 286 пожарникари со 93 противпожарни возила, од кои некои сè уште пристигнуваат.
Брод на хрватската морнарица е во состојба на готовност за евентуален транспорт на евакуирани лица што се наоѓаат во пристаништето Омиш.
Директорката на Црвениот крст на Омиш, Ана Стејскал, вели дека во прифатниот центар во спортската сала „Рибњак“ во Омиш моментно има околу 1 500 евакуирани.
Според неа, до полноќ биле регистрирани повеќе од 2 000 луѓе, но некои од нив оттогаш го напуштиле подрачјето или, ако се локални жители, се населиле кај членови на семејството.
Стејскал вели дека службите се подготвени доколку има потреба од дополнителни евакуации, но во моментов не очекуваат тие да се случат.
Евакуираните ќе останат во прифатниот центар додека не се воспостави сообраќајот и опожарените места не се исчистат и стават под контрола. Во прифатниот центар, вели таа, има доволно храна, вода, лекови и други основни потреби.
Заменик-градоначалникот на Омиш, Иван Пивчевиќ, изјави штетата е огромна и оти голем број автомобили и куќи се изгорени.
Горат и големи челични конструкции веднаш над градот, поставени да спречат одронување на карпи врз куќите. Во градот се слушаат експлозии кои се претпоставува дека се од гасни боци. Постојано се слушаат сирени на противпожарна, брза помош и полиција. Поголемиот дел од градот е без електрична енергија.
