За обнова со над 1000 проекти со кои ќе се подобри животот се обврза лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на партиски настан во Петровец во рамки на предизборната кампања за парламентарните избори.
„Минимум 4 милијарди евра домашни, но и странски инвестиции, реформи во здравството каде што тоа ќе биде ориентирано кон пациентот, ќе најдете минимум 640 милиони евра за земјоделците субвенции, загарантиран откуп и пласман на производот, за да не ги фрлаат производите по реките и патиштата како што тоа го правеа досега“,
вети Мицкоски.
Тој рече дека се обврзуваат и на минимум 25 % поголема просечна плата во рок од еден мандат, минимум 20 % поголеми пензии за пензионерите и враќање на стариот закон кога 2 пати годишно растеа пензиите.
„Најнизок данок во Европа од 8 %, невработеност под 10 %, за младите оние кои ќе вработат човек до 29 години 0 % данок, за угостителите и хотелиерите кои се погодени од кризата ќе се намали ДДВ од 18 на 10 % до крајот на 2021 година“,
рече Мицкоски.
Тој им порача на граѓаните дека на овие избори имаат еден избор бидејќи на една страна се наоѓаат неправда, криминал и понижувања предводени од политичари од транзицијата на СДСМ и Зоран Заев, а од друга страна се наоѓа правна држава со чесни политичари од ВМРО-ДПМНЕ.