Потпретседателот на Движењето БЕСА Кастриот Реџепи денеска на својот профил на Фејбук излезе со реакција на синоќешната изјава на на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој ја спомена и оваа партија како евентуален коалициски партнер во Владата која тој би ја формирал.

„Слушнав дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека не го исклучува Движењето БЕСА како опција за формирање коалиција после изборите. Прво, ВМРО-ДПМНЕ со овој менталитет може само да сонува дека може да има мандат за формирање влада. Едноставно е истата реторика како оние што гледаат ’соништа‘, бидејќи единствените партии кои не се менуваат во концепт и дејствување се поранешниот режим ВМРО-ДУИ и тие се единствените што можат да формираат коалиција, но овој пат во опозиција“,
напиша Реџепи.
БЕСА на овие избори настапува во коалиција со СДСМ и Реџепи нагласува дека е убеден во победа на 15 јули и освојување на целосен мандат на коалицијата „Можеме“.
Мицкоски, пак, синоќа во интервју за „360 Степени“ рече дека нема да биде тешко ВМРО-ДПМНЕ да формира влада со албанска партија како коалициски партнер. На прашањето за тоа што би префериралa ВМРО-ДПМНЕ, дали да прави влада со ДУИ или со коалицијата Алијанса-Алтернатива, Мицкоски возврати со контра-прашање.
„А зошто БЕСА ја исклучувате?“,
рече Мицкоски нагласувајќи дека не би исклучил ниту една албанска партија за можен партнер.